Адмирал Бурк: Северна Македонија обезбедува значителен придонес за НАТО

34

Северна Македонија имаше одличен почеток на членството во НАТО и обезбедува значителни придонеси за Алијансата, изјави денеска командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој престојува во посета на земјава по повод првата годишнина од нејзиното членството во Алијансата и затворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.

Многу работи се случија за многу кратко време и мора да бидете прецизни. Многу работа е вложена за да бидете сигурни дека сето тоа што е совршено планирано и навистина треба да биде совршено реализирано, што и се случи, бидејќи Северна Македонија имаше одличен почеток и обезбедува значителни придонеси за Алијансата, истакна адмиралот Бурк на зедничката прес-конференција со министерската за одбрана Радмила Шекеринска, одржана по нивната средба.

Адмиралот Бурк средбата со министерката Шекеринска ја оценика како продуктивна, посочувајќи дека разговарале за заеднички постигнувања и дека му претставува чест што утре ќе присуствува на церемонијата на првата годишнина од членството на земјава во НАТО.

Тој истакна дека затворањето на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје е горчливо-сладок момент, како и дека ќе му недостасува соработката со колегите.

– Ние го прославуваме затворањето на канцеларијата, затоа што тоа го одбележува успешното завршување на мисијата на Канцеларијата, бидејќи Северна Македонија веќе стана полноправна членка на НАТО, додаде Бурк.

Адмиралот Бурк се заблагодари за придонесот на Северна Македонија кон Алијансата и волјата да се изнајдат многу начини да се придонесе за реализација на целите на Алијансата.

Министерката за одбрана Шекеринска, од своја страна, истакна дека на средбата се обврзува оти Северна Македонија „ќе даде сериозен рамноправен придонес во максимата на Алијансата“.

– Северна Македонија како членка на Алијансата додаде нова вредност на значењето на НАТО за безбедноста во нашиот регион, со учество директно во силите на КФОР во Косово, кои се токму под капата на сојузничката команда во Неапол, посочи таа.

Шекеринска додаде дека експертизата и посветеноста на сите членови на тимот на Канцеларијата за врски на НАТО во изминатите две децении беа од огромна полза за одбраната, Армијата и државата. Таа додаде дека заедничката мисија во изминатите години веќе е успешна, а затворањето на Канцеларијата за врски означува успешно завршена работа.

– Северна Македонија е сојузник кој може да се развива и да придонесе кон колективна безбедност на Алијансата, нагласи Шекеринска.

Извор:МИА