Британскиот боксер Ентони Џошуа го победи Американецот Џермејн Френклин со едногласна одлука на судии по 12 рунди луда борба (118:111, 117:111, 117:111), во меч кој се одржа во О2 Арената во Лондон.

Ова беше прва победа за Џошуа по два последователни порази од Александр Усик. Британецот го покажа најверојатно најдобриот бокс во последните неколку години, суверено владееше со борбата, а Френклин ги имаше своите најдобри моменти кон крајот на мечот. Тој беше особено добар во 11. рунда, успеа чисто да го добие, но тоа не беше доволно судиите да му ја дадат победата покрај разбудениот Џошуа.

Пред оваа борба, Френклин беше рангиран на 34-то место од „BoxRec“ и беше победен само од Дилијан Вајт во кариерата. Потоа исто така издржа 12 рунди и имаше сериозна борба со Вајт, но судиите повторно му ја доделија победата на Дилијант.

Во самиот финиш на мечот за малку ќе дојдеше до тепачка во рингот меѓу Џошуа и луѓето од тимот на американскиот боксер. На тренерот на Френклин не му се допадна еден потег на Британецот, па се нафрли врз него. За среќа, пред да дојде до посериозна пресметка, успеаја да ги раздвојат.

Не се знае кој би можел да биде следниот противник на Џошуа, но секако се очекува да биде голем, потенцијално дури и борба за светска титула. Тајсон Фјури и Александр Усик не можат да се договорат за условите за нивната потенцијална борба, па не е невозможно Фјури на крајот да се одлучи за Џошуа како медиумски поатрактивен противник.

Џошуа сега има скор 25:3 и сигурно повторно ќе се обиде да се врати на врвот во тешка категорија. Од друга страна, 29-годишниот Американец го претрпе вториот пораз во кариерата и моментално има биланс од 21 победа и два порази.