Ќе се уредува Спомен-костурницата од НОВ

63

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, го потпиша договорот со директорот на Центарот за развој на Вардарскиот Плански Регион, Сашо Мошев, за реализација на проектот „Зајакнување на капацитетите за развој и промоција на туризмот во општините Велес, Градско, Неготино и Росоман”. Преку овој проект, Општина Велес обезбеди финансиски средства  за партерно уредување на просторот околу Спомен-костурницата од НОВ.

Спомен-костурницата од НОВ кај Велес е изградена во 1979 година и оттогаш неколкупати е реконструирана со средства од Владата, преку Министерството за култура. Со неа раководи Народниот музеј од Велес.

Граѓаните на Велес веќе подолго време бараат од локалната власт уредување на овој простор затоа што Спомен-костурницата е едно од обележјата на Велес што се најпосетувани од домашни и од бројни странски туристи.
Во Спомен-костурницата се коските на стотина борци од Велес и Велешко загинати во Народноослободителната војна, а меѓу нив и на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.

Здруженија на граѓани како „Акцијаши ветерани“ изминатиов месец работеа на уредување на запуштеното зеленило околу Спомен-костурницата.