Јоце Панов баш се подновил пред Нова година: Со нова тетоважа во Скопје и нова песна во Белград

572

– Сè почесто сум свртен кон српскиот музички пазар, добро ми оди таму. Новата песна „Погрешна“ ја пеам на српски јазик. Одлично го совладав не толку лесниот српски јазик. Сега пеам на српски исто како да ми е мајчин македонски јазик – вели Панов за весникот ВЕЧЕР

 Македонскиот поп-пејач Јоце Панов деновиве постигнува голем успех со својата најнова песна и со својот најнов видеоспот снимени за белградската „Гранд продукција“. Песната се вика „Погрешна“. Но, ништо не е погрешно во целиот овој најнов проект на популарниот Македонец. Напротив! Можеби, е само замислено погрешна таа некоја девојка за која пее Јоце во песната. Но, тоа е, сепак, само во песна, реалноста е поинаква.

– Сè почесто сум свртен кон српскиот музички пазар, добро ми оди таму, има и повеќе работа, особено сега пред Нова година. Имам и моќна продукција, која стои зад мене и моите песни. Често гостувам со новата песна во нивните прилично гледани ТВ-емисии, на задоволство на гледачите. Воедно, да се пофалам дека, по подолго време, одлично го совладав и не толку лесниот српски јазик. Сега пеам на српски исто како да ми е мајчин македонски јазик, сите ме пофалија за тоа – вели Јоце искрено за читателите на весникот ВЕЧЕР.

Покрај нова песна, штипјанецот Панов, со скопска адреса, има и нов имиџ. Со бицепси, со кратка коса и, секако, со нова суперлуксузна тетоважа преку целата рака, направена во Скопје, кај неговиот верен тату-артист во “MG Tattoo & Piercing Studio“. Панов не застанува тука. Пред него се нови концертни настапи, а не се откажува ни од редовната работа како професор по музичка уметност во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“. Кога ќе тргне, тргнато е, нели? Не за џабе велат дека на добрите луѓе, со позитивна мисла, им се случуваат добри работи. Јоце Панов е жив пример за тоа.     Дуле Миќиќ