Ѓорѓиевски: Владата нема слух за општините

597

Претседателот на Заедницата на единиците на локалните самуправи (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓеивески на петтата седница на Генералното собрание се осврна на актуелните состојби и активности, проблемите, за она што следува во текот на следната година, но најмногу на немањето слух за општините од страна на Владата.

– Немањето слух најдобро се илустрира со тоа што немаме ни одговор, а камо ли потпишување на изготвениот Меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата, иако беше постигната согласност од двете страни – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој ја спомена и предлог- формулата за распределба на блок дотациите за основно образование што ја утврди МОН.

– Анализите на УНИЦЕФ ги потврдија долгогодишните барања на ЗЕЛС дека блок дотацијата за оваа намена е недоволна и дека е потребно зголемување од најмалку 30%. ЗЕЛС бараше блок дотацијата да се пресметува по однапред утврдената сума на трошоците по ученик, а тоа го предвидува и новиот предлог. Формулата требаше да се примени од наредната, 2024 година, но поради недостаток на финансиски средства, централната власт ја одложи нејзината примена и повторно ни ги префрли обврските без соодветно финансирање – потенцираше Ѓорѓиевски.

Претседателот на ЗЕЛС ги нагласи и предизвиците со финансирањето на противпожарните единици, односно тоа дека општините кои имаат противпожарни единици, одвојуваат повеќе средства од сопствениот буџет, отколку што изнесува висината на наменската дотација што ја добиваат од државата.

– Најголемиот број општини не го исполнуваат законски утврдениот број на пожарникари, а опремата е стара и несоодветна за обезбедување на квалитетна услуга – информираше Ѓорѓиевски.

Воедно, нагласи дека следната година треба дефинитивно да се утврди цврст став дали општините ќе продолжат со спроведување на оваа надлежност, ако останат овие околности, или ќе се откажат, особено, како што наведе, што системот на противпожарна заштита е составен дел од системот на заштита и спасување кој се воедначува со нормите и стандардите утврдени во земјите членки на НАТО.

– По доставувањето на иницијативата од ЗЕЛС во Парламентот и разговорите со министерот за финансии, успеавме во ребалансот на буџетот да обезбедиме дополнителни 60 милиони денари во наменските дотации за оваа надлежност, а добивме и ветување дека ќе се обезбедат согласности за дополнителни вработувања на пожарникари. Останува да видиме што од ова ќе се реализира – изјави Ѓорѓиевски.

На седницата понатаму, се говорело и за заемот од Светска банка во висина од 50 милиони евра, наменет за подобрување на општинските услуги и заемот од ЕБОР во висина од 55 милиони евра, наменет за воспоставување на регионални депонии.

– Ни беше посочено да очекуваме до крајот на годината јавен повик за доставување на апликации. На централната власт и понудивме поддршка од нашата општинска администрација, бидејќи само осум, па и 18 луѓе од министерството не е реално да се справат со целиот товар. Но, не прифатија и еве го очекуваниот застој – нагласи Ѓорѓиевски.

Тема што не била изоставена е и континуираното барање на ЗЕЛС за обезбедување на електронски систем за спроведување на постапките за наплаќање на данок на имот, во примена на даночната политика кон сите даночни обврзници подеднакво, како и за реактивирањето на барањето на ЗЕЛС за обезбедување на комунална полиција.

– Упативме барање до Владата и до ресорните министри за именување на свои претставници во работна група која заедно со претставници од локалната власт треба да изработат предлог – Закон за комунална полиција – заклучи Ѓорѓиевски.

Петтото генерално Собрание на ЗЕЛС започнав со едноминутно молчење, во знак на оддавање почит на прерано згаснатиот живот на малата Вања, случај кој ја потресе целата Македонија.