Платното на кое пишува: Еден уметник од Северна Македонија не е уметник. Или на англиски: An artist from North Macedonia is not an artist. Каде No и Macedonia се подвлечени со црвени букви, не е поставено на изложбата која се отвори во просториите на Музејот на Град Скопје. Како што вели авторот Шекеров, делото е критички осврт кон промената на уставното име на нашата држава, а неговиот уметнички акт, за кој го обвинуваат дека е политички, е дело што ги анализира конфликтите што заради промената се случуваат пост фестум. Од Музејот на град Скопје, пак, велат дека на изложбата „A/R Каљари-Скопје”, Зоран Шекеров, сакал да вклучи свои дела кои тематски не се поврзани и не се вклопуваат со проектот

„Ова, пред сè, е борба за слободата на говор, па потоа и за делото. Ми се јавуваат луѓе, индивидуалци од различни идеолошки, партиски, политички струи и со различни убедувања од самото дело кое јас сум го изложил пред јавноста и ме поддржуваат. И оној што не се сложува со моето дело треба да го поддржи овој акт бидејќи утре може да се случи и обратна ситуација кога некој со моите убедувања би бил во позиција на моќ тогаш се разбира не треба да го цензурира ни спротивниот став од оној кој се прикажува на делото“, вели за весникот ВЕЧЕР, визуелниот уметник и документарен фотограф Зоран Шекеров, по повод изземањето на неговото дело од групната изложба насловена „A/R Каљари-Скопје”, која синоќа се отвори во Музејот на град Скопје.

Станува збор за платно во правоаголна форма од околу метро и пол на 50 сантиметри каде што пишува: Еден уметник од Северна Македонија не е уметник. Или на англиски: An artist from North Macedonia is not an artist. Каде No и Macedonia се подвлечени со црвени букви. Како што вели Шекеров, делото е личен, критички осврт кон промената на уставното име на нашата држава, а неговиот уметнички акт, за кој го обвинуваат дека е политички, е што ги анализира конфликтите што заради промената се случуваат пост фестум.

Отворањето на изложбата помина во тензична атмосфера, со високи тонови, пред сè помеѓу уметникот и кураторката на изложбата Гордана Велков заради делото кое Шекеров го истакна пред присутните посочувајќи дека тоа е она што е цензурирано. Беше повикано обезбедување, а потоа и полиција за да се отстрани уметникот од објектот.

„28 ноември е црн ден за македонската уметност“, рече Шекеров, додека за кураторката Велков, делото на Зоран Шекеров е ново дело и не припаѓа на резиденцијата „Каљари-Скопје“, односно дека воопшто не е уметничко дело.

Својот револт за цензурирањето на делото, освен на отворањето на изложбата уметникот го истакна и неколку дена претходно, пред зградата на Музејот на Град Скопје фотографирајќи се со него. Шекеров тоа го објави на социјалните мрежи.

Како што и самиот објасни за весникот ВЕЧЕР, се работи за проект, студиска програма со размена на македонски и италијански студенти.

„Италијанските студенти дојдоа во Македонија во рамки на резиденцијалната програма, а потоа ние отидовме во Сардинија каде што направивме изложба. Јас таму имав изложба, не со ова дело, туку изложба на фотографии кои ги изработив во Сардинија. Меѓутоа кога се вративме во Македонија, а тоа се случи пред една година, кураторката на изложба ни постави тема која би ја работеле во претстојнава година и врз основа на неа да создадеме дела кои на групна изложба ќе ги изложиме во Музејот на град Скопје, на 28 ноември. Темата на изложбата беше ‘Дневникот на уметникот’. И јас размислував за уметничката изјава, онаа кога уметниците си го образложуваат својот опус и дела, со цел да бидат што појасни кон јавноста, кон набљудувачот на делото. И така, анализирајќи го тој феномен на релативноста во постмодерната уметност, а водејќи се по принципот на апсолутна вистина во перцепцијата на нештата, дојдов до заклучок дека уметничката изјава и самото дело се во некаков конфликт. И се неразбирливи. И затоа мојата поента беше да креирам македонски современи креда, како максими кои се кратки и јасни, не двосмислени, а не само да напишам илјада зборови и никој да не ме разбере. И тие можат да се толкуваат на овој и оној начин“, посочува Шекеров.

Прашан за анализата на конфликтите што се случуваат пост фестум, Шекеров посочи дека иако промената на името на државата е релативно нов феномен (2018), тој со ефектите од тоа се соочил и овде и надвор од Македонија.

„Во Сардинија се соочив со некој кој пред италијанската публика раскажува за Македонија како што не би раскажал јас! Јас не велам дека ние треба да бидеме идентични, но се работи за две спротивставени различности кои немаат допирна точка. И преку тоа се создава конфликт. Втора работа, јас сум автор на книга за пеливанската традиција во Македонија на која макотрпно работев една година, задлабочен во ова мое дело, на фотографиите и текстот, и буквално на крај дојде момент во кој јас не можев да кажам дека сум Македонец. И разбирам дека книгата, според политиката на издавачката куќа треба да се потпише дека излегла во РС Македонија, но се навлегува и во делот каде што уметникот го пишува својот дел, односно јас треба да се пишам дека сум се родил во Северна Македонија, а сум се родил во 1992 година“, додава Шекеров.

Редакцијата на ВЕЧЕР иако проба да стапи во контакт со кураторката на изложбата Гордана Велков преку Музејот на Град Скопје и преку социјалната мрежа Фејсбук, до затворањето на весникот не успеавме да добиеме изјава од неа.

Но, затоа Музејот на Град Скопје излезе со демант: Во врска со изнесените наводи за цензура во Музејот на Град Скопје, ве информираме дека се работи за проектот Каљари – Скопјe,  кој е плод на размена во областа на културата помеѓу Италија и Македонија. Во текот на есента 2022 година беа реализирани две резиденции на уметници, една во Каљари, Сардинија, и една во Скопје, каде што македонски и италијански млади уметници заеднички твореа уметнички дела, инспирирани од културата и природата на околината во која се наоѓаат резиденциите – во Република Македонија тоа беа градот Скопје и Скопската околија, а во Сардинија, градот Каљари и островот Антиоко. Резултатите од овие две уметнички работилници беа прикажани во Музејот на Град Скопје. Уметниците од Сардинија ги прикажаа cвоите импресии од Македонија, а скопските уметници своите импресии од Сардинија. За жал, еден од македонските уметници, Зоран Шекеров, сакаше да вклучи свои дела кои тематски не се поврзани и не се вклопуваат со проектот, бидејќи не се поврзани со неговиот престој во Сардинија. Но, бидејќи за Музејот од особена важност е стимулирање на критичка уметност, го покануваме Зоран Шекеров да аплицира со овие дела за самостојна изложба. Вратите на Музејот се секогаш отворени за млади и креативни уметници од Македонија со цел промоција на македонската култура“, се вели во соопштението потпишано од Панче Велков, директор на Музејот на Град Скопје. (Н.И.Т.)