Патничкиот воз Скопје – Неготино вчера удрил во железен предмет кој испаднал на пругата од друг воз, поради што патниците патувале шест часа. Како што објасни за МИА неготинецот Илија Стамков, поголемиот дел од возот останал во тунелот, само предниот дел каде што е кабината на машиновозачот бил излезен надвор.
– Се беше во ред се додека машиновозачот кој има подолго искуство и возеше бавно во тунелот пред Велес, не го забележал предметот железо што наводно испаднал од друг воз и почна со кочење, но бидејќи возот има голема тежина удривме во железниот предмет, од кој што можевме да бидеме исфрлени од железничката пруга. Се слушнаа неколку удари, јас помислив дека можеби ќе бидеме исфрлени од пругата, но закочивме и поголемиот дел од возот остана во тунелот, само предниот дел каде што е кабината на машиновозачот беше излезен надвор од тунелот, рече Стамков. Тој изрази благодарност до машиновозачот кој беше присебен и ги спаси животите на сите со брзата реакција и кочење. – Стасав на железничка станица Неготино во 23 часот, а тргнав од Скопје околу пет часот, нагласи Стамков. „На пругата, во тунелот, имало парче метал, поради кое не можел да се воспостави железнички сообраќај. Пријавено е од вработен во ЈП Македонски железници , чии екипи излегле на месото на настанот и извршиле увид“, соопштија од СВР Велес. Возот од Скопје тргнува во 16,55 часот, а застанал во тунелот кај Железничка станица Пчиња некаде околу 17,40. Откако околу 200 минути возот бил во тунел, продолжил кон Велес.