Членките на Европската унија се договорија за горната граница на глобалната цена на руските нафтени деривати, пред целосната забрана за увоз што ќе стапи на сила во недела.
Договорено е горната цена на нафтените деривати, вклучувајќи дизел, бензин и керозин, да биде 100 долари за барел, а 45 долари за барел деривати кои се тргуваат со попуст, пренесе Политико.
Шведското претседателство со Советот на ЕУ потврди дека договорот е постигнат вечерва, два дена пред стапувањето во сила на забраната за увоз на сите руски нафтени деривати.
Забраната за увоз и максималната цена треба да функционираат „во тандем“. Додека санкциите на ЕУ го затвораат еден од најважните пазари на Русија за нејзините фосилни горива, ограничувањето на цената треба да му овозможи на рускиот извоз да продолжи да оди на глобалниот пазар, за да се избегне недостиг и голем скок на цените.
Лимитот на цената на нафтените деривати следеше по лимитот на цената на руската сурова нафта од 60 долари за барел, што беше договорено во декември.
Полска и балтичките земји инсистираа максималните цени на руската сурова нафта и нафтените деривати да бидат пониски од договорените, а како компромис беше утврдено дека и двете цени ќе бидат предмет на ревизија на секои два месеци, почнувајќи од март оваа година.