Храна од луксузните настани ќе завршува во устата на гладните

272

Тоа ќе се овозможи со нов предлог-закон за донирање на вишокот храна, чија изработка,  на иницијатива и под покровителство на првата дама Елизабета Ѓоргиевска, повторно се стави на маса.

Во новиот предлог-закон, како што истакна Тони Станковски од „Љубезност“, треба да се предвидат начини како компаниите што располагаат со храна, полесно да го донираат вишокот храна, избегнувајќи ги долгите административни процедури и да се мотивираат да размислуваат да ја донираат храната наместо да им биде полесно да ја фрлаат во депонијата „Дрисла“

Вишокот на храна од рестораните, производителите, дистрибутерите, увозниците… и сите од овој бизнис ќе може да се стави на располагање на претходно дефинирани оператори на храна, кои можат да бидат грaѓански и хуманитарни организации, со цел таа да им се донира на социјално загрозените лица, односно на оние што не се во состојба да си ја обезбедат. Со други зборови, храната што останува од луксузните настани ќе завршува во устата на гладните.

Тоа ќе се овозможи со нов предлог-закон за донирање на вишокот на храна, чија изработка, на иницијатива и под покровителство на првата дама Елизабета Ѓоргиевска, повторно се стави на маса.

Во новиот предлог-закон, како што истакна Тони Станковски од „Љубезност“, треба да се предвидат начини како компаниите што располагаат со храна, полесно да го донираат вишокот храна, избегнувајќи ги долгите административни процедури и да се мотивираат да размислуваат да ја донираат  храната наместо да им биде полесно да ја фрлаат во депонијата „Дрисла“.

– Според сегашната пракса, депонирањето отпад, вклучително и храна, за компаниите е полесно и поевтино отколку да ја започнат сложената процедура за поврат на данокот – потенцира Станковски.

Кристијан Калинов од „Ретвитни оброк“ нагласи дека во моментов има законска регулатива за поврат на данокот за донација, но таа регулатива е толку комплицирана што никој не се осмелува да си ги побара парите, односно да ја започне процедурата за тоа и додаде дека една од работите што ќе треба да се сменат е да се олесни регулативата при поврат на данокот.

– Поставеноста на нештата во моментов ги охрабрува овие бизниси да ја фрлаат храната наместо да ја донираат, затоа што носењето еден тон храна на „Дрисла“ чини само 50 евра, а да се донира ќе ги чини многу повеќе.  Вака депонираната храна ќе се пријави како уништена стока – вели Калинов.

Според Станковски, со новиот закон би се организирале и улогата и одговорноста на секој од чинителите во процесот на донирање.

– Производителите и дистрибутерите се одговорни за храната во времето додека располагаат со неа, сè до моментот додека не ја донираат на граѓанските и хуманитарните организации. Оттогаш треба да започне одговорноста на граѓанските и хуманитарните организации во делот на транспортот, складирањето и донирањето на храната до крајните корисници – наведува Станковски.

Тој додава дека храната треба да биде соодветно складирана и безбедна. Воедно, со законот треба да се предвиди и употребата на храната пред истекот на рокот за нејзино користење, односно колку време пред истекот на рокот на храната би требало да се започне со процесот на донирање за таа да стигне до крајните корисници навреме и за да биде безбедна за користење.

Според него, ова се дел од генералните работи што треба да бидат предвидени со овој закон. Ќе следува работа на работната група за да се дефинираат сите специфики и критериуми, земајќи искуства од некои од европските земји кои ја третираат оваа тематика како добра пракса, а кои може да се применат и кај нас.

– Целта е да добиеме закон што ќе биде лесно применлив, односно ќе може да се имплементира, со цел да не остане само на хартија, а, од друга страна, да биде поттик и мотивација за сите чинители во процесот на донирање за да се натераат да размислуваат да ја донираат храната наместо да ја фрлаат и да ја загадуваат околината – заклучи Станковски. 

Овој закон, во моментов, се враќа назад во постапка од почеток, со тоа што ќе се работи на веќе постојниот текст изработен од претходниот парламентарен состав.

(А.П.)