Инфлацијата во мај, споредбено со тој месец минатата година, е повисока за 0,9 отсто, а цените на мало пораснаа за 1,3 отсто. Годишната инфлација мај 2024 – мај 2023 година е зголемена за 4,5 отсто, а цените на мало во истиот период пораснаа за 5,8 отсто. Според овие податоци, цените на мало за еден месец се зголемиле за 1,3 отсто, а од храната најмногу пораснале цените на земјоделските производи – за 7,4 отсто.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, на едно семејство месечно му се потребни 1.000 евра за да го истурка месецот. Оттаму сметаат дека информациите за намалување на стапката на инфлација не се точни со оглед на тоа што ситуацијата на терен е поинаква, односно секој месец има зголемување на цените.
Познавачите на состојбите во економијата велат дека растот на цените на земјоделските производи се должи на тоа што немаме доволно земјоделско производство. Од извозник на овошје и зеленчук станавме увозник и затоа граѓаните сега ги плаќаат скапо.
– Од земја извозник на овошје и зеленчук станавме увозник. Тоа е така затоа што немаме доволно домашно производство. Причината е тоа што се даваат субвенции на невидено, односно и на оние што нема да произведат. Ако е регистриран земјоделец, добива субвенции и покрај тоа што ништо нема да посее, да посади или да произведе. Треба да се даваат субвенции врз основа на она што е произведено. Кога дава државата субвенции, во тој случај производот треба да биде поевтин за граѓаните – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од ССМ.
Според него, треба да има планирано производство на земјоделски производи за да може да се задоволат потребите на граѓаните. Треба да има гарантирана цена, субвенции… за да нема вишок или недостиг на одреден производ и за да има гарантиран пласман. Државата мора да има стратегија што и колку да се произведе и што да се увезе. Во спротивно, граѓаните ќе плаќаат поскапи домати, пиперки, краставици…
– Официјално, инфлацијата во мај се качила за речиси 1 отсто, но она што е важно е дека таа сè уште расте. Иако стапката на раст навидум изгледа мала, ако се собере до крајот на годината ќе излезе дека имаме годишна инфлација од 5 до 10 отсто, што не е малку – додава Радовски.
Економските експерти се согласни дека и покрај тоа што е мала стапката на инфлација, сепак, се чувствува врз семејниот буџет. Така, на пример, и да е храната поскапа за 500 денари месечно, семејствата ќе го почувствуваат тоа бидејќи платите се мали.
– Увезуваме зеленчук од соседството, главно од Албанија и кога ќе дојде кај нас, тој производ по автоматизам е поскап, па затоа се продава и поскапо. Тоа е затоа што немаме доволно домашно производство, немаме стратегија, а немаме ни луѓе што треба да работат. Државата мора да има стратегија и капацитет за тоа, а не само да се фалат дека паѓа инфлацијата. Да, таа се намалува, ама што добиле граѓаните, ништо. Мора да има решение на долг рок – вели економистот Абил Бауш.
И земјоделците велат дека цените на храната и понатаму ќе растат, а државата ќе станува сè позависна од увоз на храна, бидејќи, поради ниските откупни цени, ќе нема кој да ја произведува.
Во однос на мај лани, највисок пораст на цените има кај услугите од 8,4 отсто и кај земјоделските производи од 7,4 отсто. Прехранбените производи, пак, поскапеле за 5,3 отсто, а индустриско-прехранбените производи за 4,7 отсто.
Во однос на април, инфлацијата во мај е повисока за 0,9 отсто, а цените на мало пораснаа за 1,3 отсто. Зголемувањето на инфлацијата во мај, во однос на април, е резултат на зголемувањето на трошоците за живот во следниве групи: ресторани и хотели за 3,1 отсто, рекреација и култура за 2,1 отсто, транспорт за 1,9 отсто, облека и обувки за 1,5 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 0,7 отсто, разновидни стоки и услуги за 0,4 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје за 0,1 отсто.
Во овој период се намалиле трошоците за живот во групата комуникации за 0,3 отсто, додека трошоците за живот во групите алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
(А.С.)