EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Утре и официјално стартува новата сезона во Формула 1, а според сите предиспозиции, тимот на Ред Бул се очекува да ја продолжи доминацијата на трките.

Првата трка сезонава стартува утре во 16 часот, во Бахреин, а токму директорот Ред Бул, Кристијан Хорнер, верува во одбрана на титулите во категорија на возачи и на конструктори.

  • Подготвени сме и фокусираме на сезоната што е пред нас во која ќе се обидеме да ги одбраниме двете титули, истакна Хорнер.

Изминатиов период, Хорнер се соочи со обвинувања за несоодветно однесување кон колешка од тимот, но на крајот се заврши најдобро по него.

  • Едноставно ми е драго што процесот заврши. Секако дека не можам да коментирам за процесот, но сега сме подготвени за новата сезона, вели Хорнер за „Скај спортс“.

Потоа проговори за атмосферата во тимот.

  • Во тимот никогаш не сме биле посилни, смета Хорнер.

Ред Бул исто така изјави дека жалителот има право на жалба, па Хорнер беше прашан дали верува дека процесот е завршен.

  • Не можам да коментирам, но процесот е спроведен и завршен, додаде тој.

Хорнер е на чело на Ред Бул од 2005 година и го предводеше тимот до шест титули во конструктори и седум во генералниот пласман на возачи.