Хит-комедијата „Обвинителка“ гостува на сцената на Националната опера и балет во Скопје, на 22 септември 20 часот. Комедија без вулгарности, комедија на ситуации со јасно изразени карактери и комедија што третира актуелна тематика.
Автор на текст е Огнен Неделковски, режисер Сашо Ристовски, сценограф е Крсто Богојевски, костимите се на Елена Лука, а музиката на Мишел Трајковски.
Улогите ги толкуваат: Лидија Вукиќевиќ (Србија), Магдалена Ризова-Черних, Сашо Ристовски и Бранко Атанасов.
„Како е да се биде бизнисмен? Обвинител или вработен во обвинителство? Кои средства се користат за спас од обвинение? Што може да му сторат љубовта и страста на еден човек, како е да се плашиш и да живееш во страв дека те прислушуваат, колку и на што се сме спремни за да побегнеме од одговорност и многу општествени случувања што се карактеристични за денешното време?“, стои во најавата на претставата, која го дава одговорот и на многу други прашања.
Тоа што оваа комедија ги спои уметниците од Србија и од Македонија е патоказ како треба да се работи во иднина на полето на културата.
По барање на публиката, хит-комедијата „Обвинителка“ ќе гостува во Кочани, Кичево, Гостивар, Неготино, Велес и во Струмица, а веќе следниот месец се предвидени гостувања и во дијаспората.
Претставата „Обвинителка“ е поддржана од: Министерството за култура, Почесниот конзулат на Република Србија со седиште во Охрид, НУЦК Центар за култура Штип, НУ Музеј на македонската борба, компанијата „Елена Лука“, „Тикен холдинг“ и НУ Национална опера и балет.