Ред Бул ја продолжи доминацијата во Формула 1, а Макс Верстапен уште еднаш покажа зошто е најдобар возач во светот и конечно успеа да победи на трката за ГН на Австралија во една од најбизарните трки во последните години.
Така бранителот на титулата првпат во кариерата успеа да се најде на највисокото скалило на подиумот на патеката „Алберт Парк“, а воедно ја оствари и втората победа сезонава и 37-ма во својата кариера.
Најблиску до Холанѓанецот беше Луис Хамилтон во Мерцедес, а на двајцата на подиумот им се придружи и возачот на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, кој на тој начин го забележа 101-от победнички подиум во кариерата.
Трката ја одбележаа три прекини и серија инциденти, а целосен хаос настана при последниот рестарт на трката, кој се случи на два круга пред крајот, кога голем број возачи учествуваа во серија инциденти, кои практично беа избегнати само од Верстапен и Хамилтон.
Кога трката продолжи, Расел остана во водство, додека актуелниот шампион не успеа да го нападне Хамилтон, иако беше блиску, за потоа да биде запрен поради извртувањето на Александар Албон на патеката. На ова му претходеше уште едно забавување на трката, кое лидерот го искористи за да оди во боксот, а се покажа дека загуби многу бидејќи не многу подоцна беше истакнато црвеното знаме. Паузата траеше десет минути, Хамилтон остана во водство, но само до 12. круг, кога Верстапен немаше тешка задача да го претекне и да ја преземе првата позиција.
Неколку круга подоцна беше завршена трката за Расел, чиј мотор се запали, што доведе до виртуелно безбедносно возило. Трката потоа влезе во потивок период, со тоа што Верстапен ја задржа предноста пред Хамилтон и Алонсо. Потоа следуваше нов прекин поради возачот на Хас, Кевин Магнусен, кој остана без тркало по еден удар во заштитната ограда, откако премогу широко влезе во свиокот. Останаа уште два круга до крајот на трката, јасно беше дека ќе има спринт до целта, а кога трката продолжи по трети пат, настана целосно лудило.
Верстапен и Хамилтон потоа минаа без никаков инцидент, додека зад нив Карлос Саинц јуниор во Ферари го сврте Алонсо, кој така остана без третата позиција, која ја зазеде неговиот тимски колега Ленс Строл. Но, излета и Канаѓанецот, а потоа и Серхио Перез во болидот на Ред Бул, за на крај до контакт да дојдат и дуото од Алпин Пјер Гасли и Естебан Окон. Иако се чинеше дека трката ќе биде така завршена, беше одлучено да се рестартира според позициите пред да се продожат, па така Алонсо се врати на третата позиција.