Хаг го препушти случајот против Шешељ и неговите соработници на судството во Србија

114

Механизмот во Хаг одлучи да го препушти случајот против радикалниот лидер Воислав Шешељ и уште четворица соработници на судството во Србија.

Шешељ и неговите соработници се обвинети за непочитување на судот, односно кршење на прописите на Трибуналот за заштита на идентитетот на сведоците и доверливите документи, според РСЕ.

Ова се документи од процесот во кој Шешељ во 2018 година во Хаг беше осуден на 10 години затвор за воени злосторства врз хрватското население во војводинското село Хртковци.

Во одлуката од 29 февруари, која денеска беше објавена на веб-страницата на судот, судијата Лиу Дакун наведе дека препраќањето на овој случај до Србија „е во интерес на целисходноста“. Тој изјави дека делата споменати во обвинението се извршени на територијата на Србија и дека на обвинетите кои престојуваат во Србија се подготвени таму да им се суди и дека потврдиле дека ќе одговорат на поканата на српските власти.

„Позицијата на Србија е дека е подготвена да спроведе постапка против обвинетиот, што ја вклучува безбедноста на сведоците во овој случај и верувањето дека, во согласност со нејзиното законодавство, ќе може да го гони обвинетиот во врска со откривањето на заштитените информации за сведоци“, се наведува во решението.

Се додава дека Механизмот ќе го следи случајот во Србија со помош на национални и регионални организации.

„Статутот му дозволува на Механизмот да поднесе формално барање за одлагање, доколку е јасно дека веќе не се исполнети условите за доделување на предметот“, се наведува.

Одлуката се однесува на обвинението во кое беа опфатени Шешељ и неговите соработници Љиљана Михајловиќ, Огњен Михајловиќ, Мирољуб Игњатовиќ и Миљан Дамњановиќ.

Постапката во Србија пред Високиот суд во Белград ќе ја води Обвинителството за воени злосторства, кое веднаш не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа дали случајот е пристигнат. Во изјавата што ја пренесе Радио телевизија на Србија, Шешељ рече дека се уште не бил контактиран од домашните судови.