Франција дозволи миленичиња во домовите за стари лица:  Блaгопријатно влијаат против стрес и изолација

44

Во домовите за стари лица во Франција од 1 март е дозволен престој на домашни миленици како кучиња, мачки, риби и мали птици, но под одредени услови, бидејќи за нив ќе се грижат нивните сопственици, а не персоналот во домовите, објави Радио Франс енфо (Франс Инфо).

Во петокот (1 март) француската влада даде зелено светло за прием на домашни миленици во домовите за стари лица.

Ова особено овозможува „лицата во домовите да не бидат изолирани и да имаат континуитет во однос на она што го имале во претходниот живот“, соопшти Националната асоцијација на институции и домови за стари лица.

„Тоа е навистина мерка која е исклучително важна“, велат од организацијата и додаваат дека милениците имаат благотворно дејство во борбата против стресот и изолацијата.

Сепак, домашните миленици ќе им бидат дозволени само на постари лица кои се автономни и можат сами да се грижат за своите миленици.

Нема да бидат дозволени „невообичаени“ миленичиња како змии или животни кои можат да бидат агресивни.

Домовите за стари лица ќе мора да ги приспособат и уредат своите простори, како и да воведат внатрешни прописи, додаде француското радио на својата веб-страница.