Феноменот 81-годишниот Мик Џегер порачува: „Не давам да ме ‘складираат’ за во погребално, рано ми е за таму“  

1405

– Не планирам да престанам да пеам – јасно порача светски славниот рокер Мик Џегер.

Со тоа, тој ја опиша својата емоционална и физичка состојба, подготвеноста да настапува на концерти заедно со легендарната група „Ролинг стоунс“. Иако ќе наполни 81 година на 26 јули, Мик не се откажува. Има енергија и волја за живот и пеење како некое момче. Како да е на почетокот од кариерата. Дури и трча по бина како некогаш. – Џегер е вистински феномен! – велат медицинските лица, кои му ги проверувале срцето, притисокот, силата во нозете, функцијата на мозокот, белите дробови, црниот дроб, простата, цревата…

Лекарите се чудат од каде му извира таа енергија. Неговите родители не биле толку свежи и подвижни, ниту неговите дедо, баба, прадедо. Џегер е исклучок. Дури и неговите осум деца не може да се изначудат колку природна, неистрошена сила има во тоа ситно тело.

– Не давам да ме „складираат“ за во погребално. Рано ми е за таму – отсечно зборува Џегер.

Тој е цврсто убеден дека ќе ја истурка и наредната турнеја до крај, онака како што умее.

– Пред првиот концерт, ми беа потребни само неколку тренинзи за да влезам во ритам. Сега сум супер, заедно со бендот. Одлично се чувствувам, ништо не ме боли – вели задоволно Џегер, кој не се гледа себеси во категоријата на стари мажи.

– Веќе планирам серија нови концерти за наредната година, а тоа ќе биде во Европа и во Јужна Америка. Сега пеам само низ градовите во САД.

Д.М.