Тројца кинески работници што треба да пристигнат во Македонија се од регионот со корона вирус  

Филипче најави соработка со сите релевантни субјекти за да се сузбие заразата... На овие граѓани им се препорачува пред излезот 14-дневен карантин. Значи, кинеските власти на соодветен начин се обезбедиле дека ќе испратат надвор на патување само здрави лица кои го поминале периодот на инкубација, што е за поздравување, вели министерот Филипче

174

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека будно се следи состојбата со заболените од корона вирусот во светски рамки, особено за тројцата македонски државјани кои се дел од патниците на луксузниот крузер кој во моментов е ставен во карантин во пристаништето на јапонскиот град Јокохама. Според министерот се следи состојбата и на уште еден наш државјанин кој е во карантин во Франција.

 -Контактиравме и со Светската здравствена организација и со Министерството за надворешни работи за директно да стапиме во контакт со јапонските власти – вели министерот Филипче и дополни дека во текот на вчерашниот ден имал средба и со кинескиот амбасадор.

Од Кина се очекуваат во Македонија да пристигнат 50 кинески државјани кои се работници во компанијата „Синохидро“.

–На овие работници им било советувано доаѓањето да го одложат, а од нив тројца треба да дојдат од критичниот регион. На сите граѓани кои се упатуваат на патување надвор од земјата од тој критичен регион им се препорачува пред излезот 14-дневен карантин. Значи, кинеските власти на соодветен начин се обезбедиле дека ќе испратат надвор на патување само здрави лица кои го поминале периодот на инкубација, што е за поздравување – објасни министерот Филипче.

Тој нагласи дека Кинеската амбасада навреме ќе ги извести кога тие ќе се упатат кон нашата земја.

-Ние треба да бидеме подготвени навреме да ги преземеме нашите мерки во однос на скринингот, доколку има потреба и анализа на крвта за да бидеме сигурни дека ниту еден заразен нема да влезе во нашата земја – дециден е министерот.

Според последните податоци бројот на патници заразени од коронавирус кои се дел од крузерот „Дајмонд принцес“ достигна 61 лице, од вкупно 3.700 лица кои пловеа со овој брод. Крузерот во моментов е закотвен во Јапонското пристаниште Јокохома, а стотици патници се затворени во своите кабини кои се сега претворени во карантин.

Министерството за здравство на Јапонија и македонското Министерство за надворешни работи потврдија дека на крузерот има и тројца македонски државјани. Тие информираат дека се направени тестирања кај 273 лица кои покажувале симптоми како кашлање и треска. Тие биле во близок контакт со лица кои имале симптоми на вирусот, затоа како што потврдуваат здравствените власти 41 пациент ќе бидат префрлени во болниците во Токио и во соседните градови.

-Крузерот е во двонеделен карантин и, како што велат, личи на „пловечки затвор“, напишал еден патник на социјалните мрежи, каде што пуштил и  морбидни слики од празни ходници.

Во Црна Гора за еден месец влегле околу 2.100 кинески државјани

Во Црна Гора во јануари годинава влегле околу 2.100 кинески државјани. Како што информира црногорската полиција преку граничните премини во Црна Гора евидентирани се вкупно 4.491 државјанин на Кина.

-Од тоа евидентирани се 2.082 доаѓања и 2.409 заминувања на кинески државјани, посочи полицијата и дополнува дека најмногу кинески државјани – 1.538 во текот на јануари во Црна Гора влегле по копнен пат, додека 520 пристигнале со авион.

СЗО: Недостасува заштитна опрема за борба против епидемијата

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди дека светот се соочува со недостиг на заштитна медицинска опрема, мантили, маски и ракавици.

– До шест часот утрово по средноевропско време, регистрирани се 31.211 потврдени случаи на заболени од коронавирус во Кина и 637 починати, изјави Гебрејесус.

Тој потврди дека во последните два дена во Кина има помалку инфицирани, оценувајќи дека тоа е добра вест. Сепак директорот на СЗО предупреди дека тие бројки не се доверлив показател и постои можност за нова ескалација.

(В.Ма.)