Трамп прогласи вонредна состојба

74

Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва во телевизиско обраќање прогласи вонредна состојба, со цел да добие пристап до милијардите долари за изградба на ѕид долж американско-мексиканската граница.

Трамп истакна дека ќе ги искористи извршните овластувања да го заобиколи Конгресот, кој одобри значително помалку пари за ѕидот, отколку што тој побара.

Шефот на Белата куќа нагласи дека ќе потпише декларација за воведување вонредна состојба, со цел да ја заштити земјата од наркотици, криминал и илегални мигранти кои влегуваат од Мексико преку југозападната граница на САД, оценувајќи дека тоа претставува голема закана за националната безбедност.

Трамп благодарејќи на прогласувањето вонредна состојба ќе може да пренасочи за изградба на ѕидот 3,6 милијарди долари наменети за проекти за изградба во војската, соопштија претставници од Белата куќа. Тој ќе ги искористи овластувањата и да префрли 2,5 милијарди долари од програмата за борба против дрога и 600 милиони долари од фондот на Министерството за финансии.

Одлуката на Трамп да прогласи вонредна состојба на границата веднаш ја осудија голем број демократи и некои републиканци, кои сметаат дека станува збор за злоупотреба на моќта.