Телото на Алексеј Навални и е предадено на неговата мајка Људмила Навални, соопшти неговата портпаролка Кира Јармиш.

-Телото на Алексеј Навални е предадено на неговата мајка. Голема благодарност до сите што го бараа ова кај нас. Људмила Ивановна се уште е во Салехард. Погребот се уште се чека. Не знаеме дали властите ќе интервенираат да се спроведе како што сака семејството и како што заслужува Алексеј. Ќе ве известиме штом има вести, изјави на X (Твитер) Кира Јармиш, портпаролка на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој неодамна почина во затворска колонија во Русија.

Таа додаде дека деталите за неговиот погреб допрва ќе доаѓаат.

-Ќе дадеме информации штом ќе станат достапни – рече таа.

Ова се случува откако на мајката на Навални и беше поставен ултиматум, при што руските власти соопштија дека тој ќе биде погребан во казнената колонија каде што почина, освен ако таа не се согласи во рок од три часа да го положи без јавен погреб.