Судот за човекови права во Стразбур пресуди: Македонија треба да им исплати отштета од 13.300 евра на четири сексуални работнички

По 15 години, сексуалните работнички од Македонија ја добија правдата во Стразбур.Европскиот суд за човекови права пресудил дека Република Македонија треба да им плати отштета од 13.300 евра на четири сексуални работнички поради тоа што биле повредени нивните права, недостоинствено и нехумано се однесувале кон нив кога биле приведени во полициската станица Бит-пазар и цела ноќ биле оставени без храна, вода и пристап до тоалет. Во ноември 2008 година, МВР со полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција“ приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколкумина случајни минувачи, кои беа затечени покрај кејот на реката Вардар

115

По 15 години, сексуалните работнички од Македонија ја добија правдата во Стразбур, информираше невладината организација ХОПС. Европскиот суд за човекови права пресудил дека Република Македонија треба да им плати отштета од 13.300 евра на четири сексуални работнички поради тоа што биле повредени нивните права, недостоинствено и нехумано се однесувале кон нив кога биле приведени во полициската станица Бит-пазар и цела ноќ биле оставени без храна, вода и пристап до тоалет.

Невладината ХОПС соопшти дека Европскиот суд за човекови права донел пресуда: Д.Х. и други против Република Северна Македонија бр. 44033/17, со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет.

– Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови – соопштуваат од ХОПС.

Во ноември 2008 година, МВР со полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција“ приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколкумина случајни минувачи, кои беа затечени покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23 сексуални работници, без да бидат информирани за причините за лишувањето од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит-пазар.

Утредента биле однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што биле тестирани за крвно и за сексуално преносливи болести, па биле пуштени на слобода.

– За цело време додека беа лишени од слобода, на сексуалните работници им беа упатувани погрдни зборови од полициските службеници и беа изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници ја поминаа ноќта во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив беа во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање – соопштуваат од невладината организација.

По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13-мина сексуални работници поднеле тужба за заштита на нивните лични права пред Граѓанскиот суд Скопје, кој во два наврата утврдил повреда на правата и ги задолжил МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди.

Откако Апелациониот суд, конечно, ја преиначил пресудата, четири од жртвите ја продолжиле борбата пред Европскиот суд за човекови права.