Субвенциите за плати да отидат кај работниците, а не во џебовите на политичарите

Приватниот сектор веќе неколку месеци ја чекаат мерката за субвенционирање на платите, која беше најавена на крајот на ноември минатата година. За да им помогне на компаниите Владата вети дека ќе го субвенционира растот на платите на вработените во приватниот сектор во висина од 3.000 до 10.000 денари, со тоа што на државна сметка ќе бидат пресметани придонесите за зголемениот дел. Но, сè уште нема ништо од ветената помош. Од Сојуз на синдикати на Македонија велат дека тоа што е предвидено во Буџетот за работниците треба да се даде на работниците, а не да оди во џебовите на политичарите, односно да се потрошат за предизборна кампања

286

Приватниот сектор веќе неколку месеци ја чекаат мерката за субвенционирање на платите, која беше најавена на крајот на ноември минатата година. За да им помогне на компаниите Владата вети дека ќе го субвенционира растот на платите на вработените во приватниот сектор во висина од 3.000 до 10.000 денари, со тоа што на државна сметка ќе бидат пресметани придонесите за зголемениот дел. Но, се уште нема ништо од ветената помош. Од Сојуз на синдикати на Македонија велат дека тоа што е предвидено во Буџетот за работниците треба да се даде на работниците, а не да оди во џебовите на политичарите, односно да се потрошат за предизборна кампања.

Мерката како што беше најавено требаше да почне да се применува од јануари 2024 година и да се исплаќа во текот на цела година, но ниту една компанија не добила субвенции за плати. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека оваа мерка која реално ќе му помогне на бизнис-секторот и ќе придонесе за зголемување на платите на работниците е заглавена во Собранието.

-Очигледно на политичарите им се поважни изборите отколку економските закони. Недонесувањето на овие закони ќе ја закочат економијата. Не знам и немам информации зошто оваа мерка е заглавена во Собранието, која на 27 декември минатата година го помина првото читање. Очигледно нема интерес да се донесе овој закон, бидејќи директно 50 – 60 милиони евра од буџетот треба да одат за компаниите. Не е ништо чудно намерно да се одолговлекува донесувањето на овој закон за да можат овие пари да се пренаменат за други цели, изјави за весникот ВЕЧЕР Димитров.

Според него, на овој начин државата покажува дека нема интерес за стопанството и бизнисот кој поради изборите ќе биде во застој 5-6 месеци.

-Сите чекаме од парите од приватниот сектор кој го полни буџетот со даноци, придонеси, такси… За Владата приоритет се компаниите од технолошко индустриските зони кои ги субвенционираат по различни основи за да ги задржат и да покажат дека еве имаме странски инвеститори, додава Димитров.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ако државата не му помогне на приватниот бизнис, работниците нема да излезат да гласаат на следните избори. Поради тоа оттаму апелираат парите кои се предвидено во Буџетот за работниците треба да се дадат на работниците, а не да одат во џебовите на политичарите, односно да се потрошат за предизборна кампања.

-Го осудуваме сето она што е на штета на работниците, односно конкретно можноста да добијат повисоки плати. Да не заборавиме дека приватниот сектор е тој што ја движи економијата и го зголемува БДП. Ако нема субвенции за плати во приватниот сектор не може да се почитува ниту колективниот договор во јавниот сектор кој чека повисоки плати. За да ги добијат треба да се наполни буџетот кој го полнат вработените во приватниот сектор, вели за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател во ССМ.

Од ССМ апелираат да почнат и редовно да се субвенционираат платите за да не се соочат со револт од страна на вработените во приватниот сектор кој се големо гласачко тело.

-Не може незадоволните работници да ги поддржат функционерите на кој платите им се зголемија повеќекратно. Тоа што е предвидено во буџетот за работниците треба да се даде на работниците, а не да се потроши во предизборна кампања, додава Пешевски.

Мерката има за цел поддршка на приватниот сектор за исплата на повисоки плати. Владата објави дека ќе го субвенционира зголемувањето на платите во приватниот сектор, односно нема да се плаќаат придонеси за зголемувањето на платите од 3.000 до 10.000 денари. За зголемениот износ се плаќа само данок на личен доход, а за тој дел работодавачот се ослободува од плаќање на придонеси.

(А.С.)