Еден од патниците што ја преживеа железничката несреќа во Грција, во која загинаа најмалку 36 лица, а повеќе од 80 се повредени, раскажа како изгледале првите моменти по несреќата. Според еден патник, „прозорците одеднаш експлодирале“ и „луѓето врескале и биле уплашени“.
„За среќа, успеавме да ја отвориме вратата и прилично брзо да избегаме. Во другите вагони не успеале да излезат, а еден вагон дури и се запалил“.
Друг патник во изјава за весникот „Прототема“ вели: „Не бев повреден, но бев извалкан со крвта на другите луѓе кои беа повредени во моја близина“.
Да потсетиме, најмалку 36 лица загинаа, а над 80 се повредени во железнички судир што се случи синоќа во близина на градот Лариса во централна Грција.
Според првите информации, причината е човечка грешка, поточно грешка на лицето кое во моментот на трагедијата било задолжено за регулирање на железничкиот сообраќај.
Исто така, беше откриено дека двата воза се движеле со неверојатно голема брзина. Се претпоставува дека шефот на дежурната станица во Лариса не ги свртел клучевите преку кои механички се регулира минувањето на возовите на клучките и на тој начин испратил два воза на иста линија.