Стопанска банка ќе добие репрезентативен објект во центарот на Скопје

Започна изградбата на новата управна зграда на Стопанска банка – Скопје. Единаесеткатницата ќе се гради две години и е една од трите кули што ќе никнат на просторот на паркингот спроти „Холидеј ин“ во рамки на комплексот „Гранд Скопје“.  - Новиот објект симболизира нова ера за банката, нешто што ќе ни даде нов живот и енергија на сите нас за да продолжиме со уште подобри резултати и да бидеме сигурни дека во иднина Банката ќе биде уште поголема и посилна и секогаш на страната на секое домаќинство и секоја корпорација, поддржувајќи ги да ги остварат своите планови и да ги достигнат своите цели, рече генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, Диомидис Николетопулос

133

Започна изградбата на новата управна зграда на Стопанска банка – Скопје. Единаесеткатницата ќе се гради две години и е една од трите кули што ќе никнат на просторот на паркингот спроти „Холидеј ин“ во рамки на комплексот „Гранд Скопје“.

На поставувањето на камен темелникот присуствуваше премиерот Димитар Ковачевски, амбасадорката на Република Грција во Македонија, Софија Филипиду, менџментот на Стопанска банка – Скопје и високи гости од Националната банка на Грција, членови на Управниот одбор на Банката, како и други членови на менаџерскиот тим и вработени.

– Новиот објект симболизира нова ера за банката, нешто што ќе ни даде нов живот и енергија на сите нас за да продолжиме со уште подобри резултати и да бидеме сигурни дека во иднина Банката ќе биде уште поголема и посилна и секогаш на страната на секое домаќинство и секоја корпорација, поддржувајќи ги да ги остварат своите планови и да ги достигнат своите цели  – рече генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, Диомидис Николетопулос.

Како дел од урбаната средина во срцето на градот, новиот современ објект ќе обезбеди врвни услови за работа за вработените на Банката и за нејзините бројни клиенти. Како дел од од Групацијата на Националната Банка на Грција, Стопанска банка – Скопје, со години остварува високи резултати во работењето, кои ѝ овозможуваат да инвестира во нов, современ деловен објект со кој ќе се продолжи по патот на успехот.

– Остануваме целосно посветени на поддршката на растот на Стопанска банка како најголеми акционери во Банката повеќе од 20 години – секогаш на страната на нашите колеги во Северна Македонија, остварувајќи синергии во нашето работење и градејќи мостови меѓу нашите две држави – потенцира генералниот извршен директор на НБГ Групацијата, Павлос Милонас.

Стопанска банка – Скопје е првооснована банка во државата со централа во Градскиот трговски центар и со широка мрежа на филијали низ Републиката. По две години ќе се пресели во новиот дом кој ќе изобилува со природно светло и ќе нуди пријатен работен амбиент. На приземјето ќе има централна филијала и многу наменски простори за други активности.

На горниот кат вработените ќе имаат на располагање пространа зелена тераса која покрај големата употребна вредност, ќе даде дополнителен архитектонски ефект на објектот. Катовите се проектирани со агилен дизајн и овозможуваат флексибилност и модуларност, односно можност да бидат прилагодени соодветно за работата на секој организациски дел.

Дополнително внимание се посвети и на високата енергетска ефикасност на зградата, со што Банката значително ќе помогне во зачувувањето на животната средина, сега и во иднина.

(С.Бл.) – Фото: Петр Стојановски