Македонската кошарка со години бележи голем пад како на репрезентативно, така и на клупско ниво. Пред речиси една деценија нашата селекција со златни букви испиша историја освојувајќи го четвртото место на Европското првенство во Литванија. Но, од тогаш падовите ни станаа навика, па денеска сме далеку од европскиот и светскиот „крем“.

Токму популаризацијата е една од причините зашто младите се почесто ја одбегнуваат кошарката како спорт, што доведува до тоа македонските клубови едвај да скопат соодветен тим за настап во балканските првенства како АБА, БИБЛ…, па затоа странците ги пополнуваат и онака големите дупки во ростерот на нашите тимови.

Тоа беше прилика повеќе, дневниот весник ВЕЧЕР да направи интервју со една најголемите таленти во Македонија, репрезентативката Албина Плакај (19). Таа моментно ги брани боите на новоформираниот женски кошаркарски прволигаш – МЗТ Скопје, тим кој најавува високи амбиции во наредната натпреварувачка сезона.

Прво, ако може да ни ги откриеш своите почетоци во кошарката и што те натера да се вљубиш во овој спорт?

Со кошарката почнав да се занимавам на 14 години. Нејзиниот почеток беше само губење време и пред се забава, но со тек на време почнав да го сфаќам овој спорт далеки посериозно, не само како губење време, туку и како професија. Се се случи спонтано, без визија, без амбиција и сон за овој спорт, но подоцна започна да станува дел од мојот живот, среќа, емоции, адреналин, страв од загуба и желба за успех. Токму тоа беа почетоците, а денес можам да кажам дека со љубов го работам тоа што го сакам.

Што беше пресудно да настапувате за МЗТ Скопје, имавте ли до сега понуди од други клубови?

Со формирањето на новиот тим ЖКК МЗТ СКОПЈЕ ми дојде и понудата да станам дел од нејговото семејство… Во однос на времето што го поминав во тимот, не беше долго време, но можам да заклучам дека до сега тоа беше авантура и најдобра одлука во моата кариера. Со оглед на тоа дека станува збор за новоформиран тим, презадоволна сум. Владее одлична атмосфера на тренинзите, односот со останатите колешки е перфектен, како и културата и почитта кои ми ја понудија девојките и тренерите. Се работи над нивото и токму затоа избрав да бидам дел од овој тим.

Дали во иднина се гледате во Македонија или повеќе посакувате да градите интернационална кариера?

Кошарката не е само спорт за мене, таа ме научи да се кренам од неуспех, ме научи да станам посилна, и психички и физицки. Што се однесува до мојата иднина, не гледам никаква надеж за добра иднина на кошаркарските терени во Македонија. Кај нас спортот се развива како активност, а економски тапка во место. Животот продолжува да биде се потежок со оглед на платите што ги нуди спортската сфера. Со месечните примања не можеме да издржиме ни една недела, а камоли месец дена. Затоа, би прифатила понуда од странство без размислување, но што се однесува до кошарката тука, мислам дека спортот за мнгумина ќе биде само втора професија.

Кој е најголемиот проблем што младите се помалку се насочуваат кон кошарката?

Не само во областа на кошарката, туку во сите спортови во Македонија бројот на млади кои се заинтересирани за спортски активности е значително помал. Има многу причини што младите не сакаат да се занимават со спорт, а како главна точка сметам дека тоа се финансиските услови.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ