Спасовски: МВР со посебно внимание пристапува кон случаите на трговија со луѓе

15

За разлика од порано, денес, Република Северна Македонија е земја на крајна дестинација, земја на потекло и земја на транзит кога станува збор за трговијата со луѓе. И додека претходно жртвите беа речиси секогаш млади девојки од Југоисточна Европа, сега забележуваме тренд на регрутирање на жртви од внатрешноста на нашата земја, но и од други земји од регионот, подвлече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната регионална конференција на МАРРИ на тема „Успешни заедно! Регионални согледувања и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“.

Исто така, како што посочи министерот, жртвите од трговијата со луѓе во минатото биле искористувани, главно, за сексуална експлоатација, а денес има случаи и на трудова експлоатација и трговија со деца за питачење или други форми на криминал.

– Сѐ повеќе, елементите на експлоатацијата вклучуваат принудни бракови и трудова експлоатација во угостителски објекти, рече Спасовски, потсетувајќи дека Западно-балканската рута и натаму останува атрактивна за мигрантите, а извештаите на МВР, но и на оние од релевантни меѓународни организации укажуваат дека мигрантите, на нивниот пат до посакуваната дестинација, сè повеќе ги користат услугите на криумчарите, а имајќи ја предвид ранливоста на мигрантите, во многу случаи, тие од корисници на услуги, стануваат жртви на трговија со луѓе.

Истакнувајќи дека превенцијата и сузбивањето на трговијата со луѓе се високо позиционирани на агендата на Владата, а со тоа и на македонската полиција, Спасовски рече дека тоа продуцира партнерски пристап и заеднички придонес кон зголемување на ефикасноста на системот како целина и ефективно справување со овој вид криминалитет.

-Од досегашното искуство во справувањето со трговијата со луѓе, надлежните служби и единици во рамки на Министерството издвојуваат неколку начела, според кои се преземаат сите натамошни активности. Имено, борбата против трговијата со луѓе првично бара проактивен и мултидисциплинарен пристап, поради што ги вклучуваме сите релевантни партнери од институционалните сектори, граѓанското општество и меѓународната заедница и работиме на развивање на регионалната соработка и обезбедување континуирана обука на стручни лица од сите профили. Притоа, клучен елемент за преземање континуирани мерки во насока на подобрување на идентификацијата на жртвите од трговијата со луѓе, како и обезбедување нивна помош и заштита во нашиот систем претставува Националната комисија за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти и Националниот координатор на Република Северна Македонија, истакна Спасовски.

Напомена дека активностите на Националната комисија се современи и иновативни, бидејќи ги следат стандардите за делување од земјите членки на Европската Унија и даваат конкретни насоки за институциите и невладините организации, со цел соодветно преточување во домашното законодавтство.

Нагласувајќи ја подготвеноста и на Министерството за внатрешни работи и на Владата на Република Северна Македонија за поддршка на сите видови мерки кои ќе ја подобрат состојбата со трговијата со луѓе, Спасовски изрази благодарност на Германското друштво за меѓународна соработка, односно Канцеларијата на ГИЗ во Скопје и на МАРРИ Иницијативата, за нивната визија во конципирањето на регионалниот проект „Превенција и борба против трговијата со луѓе во Западен Балкан – ПаКТ“,

-Синергијата обезбедена во рамките на овој проект придонесе за тесна соработка и координација помеѓу постоечките мрежи во регионот, односно Мрежата на Координатори за превенција од трговијата со луѓе, управувана од МАРРИ и Мрежата на координатори за борба против трговијата со луѓе од Југоисточна Европа, управувана од Меѓународниот центар за развој на миграциска политика, осигурувајќи одржливост, избегнување преклопувања и спроведување на сопствените агенди, нагласи Спасовски, уште еднаш потенцирајќи ја важноста која МВР ја придава на меѓународната соработка, во рамки на која се спроведуваат различни проекти неопходни и за надградба на капацитети, но и за промовирање на постигнатото во рамки на Министерството.

Регионалната конференција „Успешни заедно! Регионални согледувања и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“ се одржува во Скопје во организација на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ, каде присуствуваат претставници од невладини и меѓународни организации.