Со промоција на „Коњски житија“ на Анчевски започна новиот фестивал „Видик“

23

Со промоција на наградуваното дело „Коњски житија“ на поетот, преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски, вчера почна првото издание на „Видик“ – новиот фестивал за литература и општа култура.

Фестивалот во организација на „Литература.мк“, што ќе трае до 16 јуни ќе ги обедини литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот и дизајнот, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата. Со дваесетина настани, кои ќе се одржуваат во книжарниците на „Литература.мк“ низ Скопје, на публиката ќе ѝ се понуди непосреден контакт со најактуелните домашни и регионални автори. На програмата се промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарски изведби, изложби на слики и илустрации, проекции на документарци и мултимедијални презентации.

– Кога почнав да го пишувам делото „Коњски житија“, не планирав тоа да биде поема. Прво се родија неколку песни, кои претпоставував дека ќе ги соберам во стихозбирка. Но, како што напредуваше пишувањето, сфатив дека песните треба да почекаат за некоја друга книга или форма. Долго истражував и за приказните за коњи, споменати и опеани во книгата. Имено, застапени се најпознатите коњи од фолклорот, историјата и културата, од античко до денешно време. Најстариот коњ за кој можев да најдам запис е коњот на Сидарта (потоа Буда), коњот Кантака, па сè до коњот од стриповите за Таличниот Том… Истражував како најадекватно да ги претставам коњите и сфатив дека најдобро ќе звучи да раскажуваат во прво лице, тие (коњите) да „говорат“ за своето време, за своите јавачи и сопственици… Истовремено сакав да најдам начин како нивните искази да бидат релевантни за денешницата. Така, има низа теми што сè уште нè засегаат сите, критика на аномалиите на општеството, екологијата и друго…, рече авторот Зоран Анчевски на промоцијата на „Коњски житија“.

Промотор на делото, кое ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во ракопис во 2022, беше Венко Андоновски, а настанот го модерираше Оливера Ќорвезироска.