Со популарни пејачи, водителката Ирена Спировска и со Цветанка Ласкова – добитничка на наградата за животно дело: На 5 март, 24. издание на омилениот „Роса фест“

393

И фестивалот на новата македонска фолк-песна, „Роса фест“, се враќа во етерот. Организаторите на фестивалот, Радио Роса и продукцијата „Роса“ (само за весникот ВЕЧЕР), гордо го најавуваат 24. фестивалско издание, кое ќе биде од ревијален карактер. Ќе се одржи на 5 март, во салата на Домот на АРМ.

Традиционално, како и секогаш, ќе има само три награди за животно дело. Овој пат за Тодор Трајчевски (постхумно), познатата Цветанка Ласкова и за текстописецот Орце Зафировски. Иако секогаш се одржуваше во ноември, овој пат има исклучок, па сега овој популарен фестивалот ќе биде во март. Но, редот на фестивалските изданија ќе биде запазен. Па така, во ноември, наесен, ќе се одржи јубилејното 25. издание на „Роса фест“. Практично два фестивала во една година. Ништо не пречи, ќе имаме грст нови македонски фолк-песни, потенцијални хитови.

На ова мартовско издание, меѓу другите, ќе пеат: Анета Љумаковска, Сузана Гавазова, Благица Павловска, Благоја Грујовски, Даце Николовски, Ибуш Ибраимовски, групата „Соната“, групата „Биоритам“, групата „Фортуна“,  Дамјан Стојановски, Стојне Николова, група „Алтернатор“… Традиционално, водителка на фестивалот ќе биде популарната Ирена Спировска. Таа и овој пат се подготвува пријатно да ги изненади сите со некој вкусно избран вечерен фустан, за кој потоа, според некое непишано правило, се прераскажува во новинарско-естрадно-музичките кругови.  (Дуле Миќиќ)