„Покрај задолжителното носење на маска и дезинфекција на рацете, при влез во театарот, ќе биде задолжително мерење на температура на секој посетител, ограничен влез по принцип еден по еден, со раздалеченост од 1,5 до 2 метра, секој посетител ќе ја носи својата гардероба (јакна, палто) со себе затоа што гардеробата нема да биде во функција и ќе мора да седи сам на седиште со раздалеченост од најмалку 1,5 метар до следниот гледач. Претставите ќе траат најмногу час и половина без пауза. Задржувањето во фоајето на театарот, за жал, нема да биде дозволено“, посочуваат од Драмски театар, најавувајќи го повторното отворање на оваа институција за публика
По пауза од седум месеци без театарски претстави, поради состојбата во нашата земја и во светот заради пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19, и Драмскиот театар – Скопје ќе продолжи со редовниот репертоар, следејќи ги препораките на Комисијата за заразни болести и препораките за изведба на настани во затворен простор.
„За жал, ние нема да бидеме во можност да ги вратиме сите претстави на репертоарот, кои беа активни пред појавата на вирусот, туку ќе мора да се ограничиме на претстави со помал број актери на сцена и тие да се приспособат според новите протоколи кои произлегуваат од тоа. Во таа насока планираме да префрлиме две претстави од малата сцена ‘Партија реми’ во режија на Виолета Џолева и ‘Чудесна терапија’, во режија на Димче Николовски, на големата сцена на театарот. Со репертоар ќе започнеме на 20 октомври со претставата ‘Партија реми’ во која игра и годинешниот добитник на наградата за животно дело ‘Анче Џамбазова’, актерот Ѓокица Лукаревски, која ја доделуваат Театар Комедија и општина Аеродром на фестивалот ‘Гола месечина’“, посочија за весникот „Вечер“ од Драмскиот театар-Скопје.
Репертоарот на Драмски потоа продолжува со претставата „Чудесна терапија“, на 22 и 30 октомври, а на 31 октомври повторно е најавена изведба на претставата „Партија реми“.
„Во меѓувреме, продолжуваме со проби за претставата „Хипноза на една љубов“ по текст на Душан Ковачевиќ, со промени во мизансценот во согласност со протоколот за работа. Претставата требаше премиерно да се изведе на 28 март, но ја прекинавме поради состојбата со вирусот. Промени во мизансценот ќе биде неопходно да се направат и на другите претстави кои беа на репертоарот изминатата сезона, што ќе претставува посебен предизвик и подолготраен процес за да бидат повторно вратени на сцената“, додаваат од Драмскиот театар.
Секако оттаму истакнуваат дека за публиката ќе важат и сите други мерки кои произлегуваат од протоколите за изведба на настани на затворено.
„Покрај задолжителното носење на маска и дезинфекција на рацете, при влез во театарот, ќе биде задолжително мерење на температура на секој посетител, ограничен влез по принцип еден по еден со раздалеченост од 1,5 до 2 метра, секој посетител ќе ја носи својата гардероба (јакна, палто) со себе затоа што гардеробата нема да биде во функција и ќе мора да седи сам на седиште со раздалеченост од најмалку 1,5 метар до следниот гледач. Капацитетот на гледалиштето е значително намалено и една претстава ќе може да ја следат само шеесетина гледачи. Претставите ќе траат најмногу час и половина без пауза. Задржувањето во фоајето на театарот, за жал, нема да биде дозволено“, посочуваат од Драмскиот театар. (Н.И.Т.)
По паузата и Театарот за деца и младинци стартува со три претстави
За најмладите љубители на театарската уметност вратите овој месец ќе ги отвори и Театарот за деца и младинци. На репертоарот за октомври се поместени три детски претстави. На 17 октомври (19 часот) Театарот за деца и младинци ќе ја изведе „Лакомата Меца“, потоа за 24 октомври (19 часот) и 25 октомври (12:30 часот) е закажана „Гига мега бајка“, додека на 30 и 31 октомври (19 часот) претставата „Јованче и Марика“.