Со проекција на филмот „Носферату, симфонија на стравот“ на германскиот режисер Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, а во музичка придружба на Џијан Емин, во среда, 31 август, во летното кино на Кинотека, ќе почне годинашното издание на Фестивалот за нем и класичен филм.
Фестивалот ќе трае до 7 септември. Како што соопштија од Кинотека, во 14 термини ќе бидат презентирани три филма на типичниот Мурнау; два на режисерот Бастер Китон – „човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм, мини-циклус на режисерот Рајнер Вернер Фасбиндер, по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте, како и домашното документарно наследство – Филмски новости (1945-1948).
Во среда, 7 септември, на последната вечер на овој фестивал, ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање.
Проекцијата на филмовите „Русалиски обичаи во гевгелиско“, „Велигденски обичаи“ и „Мариовска свадба“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки, со чија финансиска помош тие беа дигитализирани и дигитално реставрирани.
Освен „Носферату“, ќе бидат прикажани и филмовите „Фауст“ и „Патување во ноќта“ на Мурнау.
Исто така, на ова издание на Фестивалот на нем и класичен филм ќе бидат прикажани и филмовите на Даглас Сирк, и тоа „Лили Марлен“, „Бракот на Марија Браун“, „Ефи Брист“, „Копнежот на Вероника Фос“ и „Марта“.