„Самите приказни го диктираат начинот на кој ќе бидат раскажани. Документарната проза – тоа е она што ме движи. Не би можела да пишувам за работи што не ми се познати или искусени, а уште помалку за измислени фантастични светови. Има доволно мајстори на пишаниот збор на тоа поле! Пред сè, тоа би бил неискрен однос, и кон себе, и кон читателите. Самата нема да си верувам во напишаното… Затоа, јас ќе се ‘држам’ до она што најдобро го знам и умеам“, вели за весникот ВЕЧЕР, македонската авторка Младеновска-Анѓелков, која годинава е дел од 11. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што деновиве ќе се одржува во Скопје

Снежана Младеновска-Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето „Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ и потоа доживеа уште две изданија. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press. Вториот роман на Младеновска Анѓелков „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист на наградата „Роман на годината“. Минатата година го објави прозното дело „Луѓето, а не градот“ посветено на Скопје кое веќе го нема. Деновиве македонската авторка Младеновска Анѓелков заедно со словенечкиот писател: Драго Јанчар, Владимир Левчев од Бугарија, Тарик Туфан од Турција, Слободан Шијан и Даница Вукичевиќ од Србија и Ренато Баретиќ од Хрватска, е гостинка на 11. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што се одржува во Скопје. По тој повод разговараме за нејзиното творештво и женското писмо на македонската книжевна сцена.

Помина речиси една година од објавата на „Луѓето, а не градот.“ Каков е Вашиот однос кон делото со текот на времето? Живеете ли уште со него во мислите?

Тоа е завршена приказна. Со неа во мислите можеби ќе останат читателите. Ќе ја препрочитуваат или, пак, ќе ја препорачуваат на оние кои сакаат да се потсетат на едно друго време кога Скопје беше град. Јас сè уште ги практикувам старите добри правила на однесување и грижата за заучување на културното наследство. Таа книга можеби треба да се чита како практикум за старомаалско градско живеење.

Ако креиравте мултимедијален проект за „Луѓето, а не градот“ кои сцени би ги вметнале и зошто?

Не би можела да одвојам некоја конкретна сцена/сцени, бидејќи секој посебен исказ кај мене веќе е визуелизиран. Така и го создавав делото. Секој исказ е куса репортажа. Сепак, сè би се вртело околу Старата скопска чаршија, главното место за средби, за разговори, за споделување сеќавања и спомени. Во самата драматуршка нишка во „Луѓето, а не градот“, е идејата за „Музеј на сеќавањата“, со детален опис на истиот… Можеби тоа е и вистинскиот одговор! Во еден убав градски простор со повеќе простории/соби, и секоја од нив уредена во духот на предземјотресно Скопје; со мебел и мирис на живот, со стари црно-бели телевизори на кои маалците од старо Скопје ќе ги раскажуваат приказните од нивната младост.

Колку наградата „Роман на годината“ Ви го олесни понатамошното творење или можеби Ви создаваше притисок за себенадминување?

Наградите му помагаат на едно дело да не остане незабележано, а во мојот случај, тоа дело го доживеа своето четврто издание во себеоткривањето пред домашната читателска публика. Веројатно заради мојата херметичност, само мал дел од „Единаесет жени“ имаше можност да го прочитаат и читатели надвор од нашата земја на англиски и хрватски јазик. Заради тој бавен процес на запознавање со „Единаесет жени“ не чувствував товар при создавањето на „Молчи со отворена уста“. Тешко би можел било кој автор да твори под притисок за себенадминување, како што велите, и притоа да создаде уште поуспешно/и дело/а. Тежината ја чувствував заради комплексноста на темите кои ги обработував, особено во „Молчи со отворена уста“.

Во кој момент знаете во кој облик/жанр ќе го обликувате, дали од самиот почеток?

На секоја тема, барем кај мене, ѝ треба еден момент на созревање. Тој момент, некогаш не е миговен, туку децениски. Во таа временска дистанца го градам скелетот на дејството, а потоа сè си доаѓа само по себе. Запишувам/испишувам во тетратка цели страници во периодот помеѓу подготовката на ручекот и поставувањето на трпеза. Во таа смисла немам дневна рутина на пишување и се раководам од емоциите кои во бранови ме заплиснуваат. Поминуваат денови во кои ништо не запишувам, но никогаш не престанувам да размислувам, дури и на сон.

Сметате ли дека недоволно зборуваме со отворена уста?

Некој зборува премногу… но, не и јас. Но, што им вреди и на оние што зборуваат! Зборовите се одбиваат од ѕидот на клетото тројство: капитализмот, криминалот и корупцијата. Можеби сега созреа времето кога од зборови треба да се премине на конкретни дела.

Што мислите, во која насока ќе се движи вашата проза? Дали чувствувате некаков повик кон други жанрови, други начини?

Самите приказни го диктираат начинот на кој ќе бидат раскажани. Документарната проза – тоа е она што ме движи. Не би можела да пишувам за работи што не ми се познати или искусени, а уште помалку за измислени фантастични светови. Има доволно мајстори на пишаниот збор на тоа поле! Пред сè, тоа би бил неискрен однос, и кон себе, и кон читателите. Самата нема да си верувам во напишаното… Затоа, јас ќе се „држам“ до она што најдобро го знам и умеам.

Каква сметате дека е улогата на писателките во рамките на актуелната македонска книжевна сцена?

Писателките кај нас, можеби предводат во различните стилови на пишување и темите кои ги обработуваат, но за жал, не се доволно видливи за пошироката јавност, а особено пред младите во средните училишта. Затоа направив чекор со „Бела книга-женско писмо“, за којшто сè уште не сум сигурна дали ќе биде исчекор во запознавањето со нивното дело во целост. Но, тука нема да запрам, ќе бидам здодевна како рекламен блок во игран филм на телевизиска програма, и ќе ги промовирам писателките, сè дури младината не ги научи нивните имиња и ги цитира нивните дела. Мора од некаде да се почне(!), дури тогаш ќе биде видлива нивната голема улога на македонската книжевна сцена. Важно е дека имам поддршка од професорките по македонски јазик и добив позитивни коментари и од самите ученици за кои е наменет овој едукативно-документарен филм. За жал, овој проект не беше поддржан од Министерството за култура како интердисциплинарен проект; Министерството не ја препозна неговата важност; но се надевам дека следниот проект, повторно со писателки во главните ролји, нема повторно сама да го финансирам.