Словенечка влада денеска повторно ја продолжи привремената контрола на внатрешните граници со Хрватска и Унгарија за уште 12 дена, до 21 декември, со цел спречување на тероризам, екстремизам и прекуграничен криминал, беше соопштено по седницата на Владата.
Љубљана воведе гранични контроли на 21 октомври, откако Италија одлучи да воведе контроли на внатрешната граница со Словенија, наведувајќи ја опасноста од загрозување на јавниот ред и внатрешната безбедност, односно зголемениот ризик од терористички напади во контекст на ситуацијата на Блискиот Исток и Украина.
Како што неодамна изјави министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар, Словенија планира да ја продолжи граничната контрола за уште шест месеци од 21 декември поради средното ниво на закана од тероризам во Словенија и високото ниво на закана од тероризам во Европската унија.
Владата сега ја продолжува контролата според член 28 од Шенгенскиот акт, која може да се спроведе најмногу два месеца, до 21 декември. После тоа, Словенија би го применила продолжувањето на овие мерки според член 25 и член 27 од Шенген-кодексот, кој овозможува граничен надзор за шест месеци.