Во Младинскиот културен центар на 30 октомври, во 20:30 часот ќе се одржи пријателски и ревијален интернационален слем на кој ќе учествуваат Катарина Венти од Австрија, Серџо Гарау од Италија и Елена Пренџова од Македонија. Ова е прв слем настан од ваков тип во нашата земја затоа што за првпат кај нас гостуваат слемери од Европа. Венти, Гарау и Пренџова ќе имаат по полчасовен соло слем сешн на кој ќе се претстават со најдоброто од себе.
Венти во 2018 станува слем-победничка на Виена и покраините Долна Австрија и Бургенланд, како и претставничка за Австрија на Европското слем-првенство каде го освојува петтото место.
Гарау, пак, се занимава со слем-поезија, поезија и видеопоезија. Работи во Лега италијана поетри слем и во списанието „Атти Импури“. Тој е организаторот на Европското слем-првенство за 2019 година што ќе се одржи во Милано во март во 2020 на кое нашата земја ќе ја претставува поетот Ненад Јолдески, кој на почетокот на месецов победи на традиционалниот Национален слем-натпревар што се одржа во Прилеп.
Слем-домаќинка на вечерта е националната слем-претставничка на Европското слем-првенство за 2016 и соорганизаторка на националните слем-натпревари во Македонија, Елена Пренџова. Пренџова е дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и магистерка по филолошки науки, како и авторка на десетина поетски збирки и една збирка есеи за поезијата и уредничка на две антологии. Активна членка е на Друштвото на писатели на Македонија. Работи како лекторка по Стручен современ англиски јазик на Европскиот универзитет во Скопје и држи работилници по креативно пишување во земјата и регионот.
Вечерта ќе заврши со отворен микрофон, а слемот ќе се изведува на македонски, англиски, германски и италијански јазик.