Претседателот Стево Пендаровски, денеска, објави дека повторно ќе се кандидира за функцијата, а викендов се очекува СДСМ и официјално да го поддржи во трката за втор мандат.
Пендаровски порача дека добил јавна поддршка од голем број граѓани, дел од нив јавни личности, професори и културни работници.
– Се кандидирам не само за да учествувам на изборите туку и за да победам. В недела ќе бидам на конгресот на СДСМ, само во тој дел, за да им се заблагодарам за поддршката, а од понеделник ќе имам средби со сите десетина партии од таа коалиција, од кои ќе сакам да слушнам предлози, кои би ги вклучил во мојата програма. Станува збор за граѓанска кандидатура и ги повикувам сите граѓани, од недела, 3 март, да дадат поддршка за мојата кандидатура во подрачните единици на ДИК – истакна Пендаровски на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека зад себе има мандат без ниту една грешка, без ниту една корупциска афера и без ниту еден случај на непотизам. Во неговиот евентуален втор мандат, очекува Македонија да стане членка на ЕУ.
„Првата и главна причина поради која влегувам во трката за претседател е поради тоа што зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка, без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси поврзан со мене, моето семејство и моите најблиски соработници. Бев национален координатор и ги предводев преговорите за членство на Македонија во НАТО. Во мојот прв мандат станавме членка ма Алијансата, очекувам во мојот втор мандат да станеме членка на Европската Унија, изјави Пендаровски.
Наведувајќи уште една причина за неговата кандидатура за втор мандат, Пендаровски рече дека изминатите години покажал дека претседателот може да биде независен од кои било центри на политичка или на економска моќ во државата, вклучително и од оние кои го поддржале на избори.
-Во државава не постои човек или партија која може да каже дека ме контролира или ги дерогира моите одлуки, изјави Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашања за коментар на барањето на ДУИ претседателот на државата да се избира во Собранието, рече дека тој бил против оваа идеја уште пред да стане претседател.
„Сега по 5 години на оваа функција сум уште повеќе убеден дека претседателот треба да го избираат граѓаните на избори. Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и економските центри на моќ, кога сте избрани на избори отколку во Парламент. Знаете дека во неколку наврати бев во директна колизија со тогашната владејачка партија, еден пример е случајот ‘Рекет‘. Да бев избран во Парламент ќе бев сменет истото попладне, но бидејќи ве избира народот малку е потешко. На Македонија ѝ е потребна ваква институција која мора да биде баланс, мора да постои морална вертикала која дури и на оние кои ве предложиле ќе каже доста е“, рече Пендаровски.
СДСМ во четвртокот одржа седница на Извршниот одбор на партијата, каде што беше потврдена заложбата за продолжување по европскиот пат и заложбата на тој пат земјава да ја води, Пендаровски како кандидат на СДСМ.
Во пресрет на конгресот на СДСМ, в недела, и од владејачката партијата веќе потврдија дека ќе го промовираат Пендаровски како свој претседателски кандидат. Потпретседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни работи, Сања Лукаревска, изјави дека Пендаровски покрај тоа што ја има комплетната поддршка од СДСМ, ја има поддршката и од невладиниот сектор, од поединци и од разни групи.
„Тој е претседател на сите граѓани и така ќе продолжи и во неговиот следен мандат. Тој навистина го оправда своето функционирање, затоа што го врати кредибилитетот на функцијата претседател на државата. Имавме повеќе кандидати со поднесени кандидатури и предложени кандидати за претседател на државата на ниво на општинските организации и секако победникот на овие избори очекуваме да биде Стево Пендаровски“, рече Лукаревска.
На претседателските избори во 2019 Стево Пендаровски, како кандидат на СДСМ однесе победа пред Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, иако кампањата за претседателските избори треба да почне на 4 април, политичките субјекти веќе тргнаа со лични напади, а не изостанаа и ниски удари.
ВМРО-ДПМНЕ, која застана зад претседателската кандидатура на професорката Гордана Силјановска-Давкова, нејзиниот против кандидат Стево Пендаровски го нарекоа пишман аџија алудирајќи на претходните изјави околу неговата кандидатура.
Од кабинетот на Пендаровски возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ знае само за уличен жаргон и им препорачаа дека ако се сериозна политичка опција која има понуда за граѓаните да се фокусираат на тоа, отколку на малограѓанско политиканство“.
Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април, а вториот заедно со парламентарните избори на 8 мај.
(М.С.)