Се зголемува бројот на вработени Албанци во јавниот сектор, а се намалува на Македонците

585

Бројот на вработени во администрацијата од албанската заедница лани е зголемен за 0,8 отсто, додека бројот на вработени од македонската заедница е намален за 0,9 отсто. Овие податоци ги објави народниот правобранител Насер Зибери, кој го претстави посебниот извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност во јавниот сектор  за 2022 година.

-Споредено со лани кога изнесуваше 72,8 отсто, бројот на вработени од македонската заедница во јавната администрација сега е 71,9 процент. Застапеноста на албанската заедница во 2022 година бележи зголемување на бројот на вработени во јавниот сектор за 0,8 отсто, за разлика од лани каде што оваа застапеност беше 20,6 отсто, сега е 21,4 отсто, изјави Зибери.

Додека има зголемување на застапеноста на Албанците во јавниот сектор, речиси сите помалобројни заедници се застапени со речиси идентичен процент на вработени како и изминатите години. Тоа, како што укажа Зибери, значи дека институциите не ги почитуваат препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност. Кај помалобројните заедници единствено зголемување од 0,1 отсто се забележува кај турската заедница, во однос на минатата недела кога  бројот на вработени од турската заедница во јавната администрација изнесувал  2,0, а сега е 2,1 процент.

-Ромската заедница, за жал, останува на истото ниво како лани, 1,3 отсто. Влашката заедница има намалување од 0,1 отсто, додека српската заедница останува со процентот од минатата година, 1,4 отсто. Босанската заедница исто така останува во процентот од минатата година со 0,5 отсто, додека сите останати заедници кои не се изјасниле за својата етничка припадност се застапени во јавниот сектор со 0,7 отсто“, изјави Зибери.

Зибери посочи дека за потребите на истражувањето за примената на начелото на соодветна и правична застапеност во јавниот сектор за 2022 година биле доставени барања до 1.325 институции и органи, и дека првпат оваа година,  се добиени одговори од сите овие институции во електронска форма. Според Законот, во јавната администрација во државата мора да има правична застапеност на етничките заедници.

Експертите  постојано  посочуваат  дека наместо да има вработувања според бројки и етничка припадност,  од вработените  во јавниот сектор треба да се бараат резултати.