СДСМ ќе се трка со тандем носители на листи, каков адут ќе извади ВМРО-ДПМНЕ?

Конечните кандидатски листи ќе се знаат неделава. СДСМ ќе ги објави денеска, по Конгресот, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, официјално листите со кандидати ќе ги презентира в среда, на 11 март. Заев најави двојни машко-женски носители на листите, а Мицкоски најверојатно ќе предложи натпартиски и истакнати личности

125

СДСМ воведува новина во изборната трка. Во секоја изборна единица ќе оди со двајца носители на листи – маж и жена, најавија претседателот на СДСМ Зоран Заев и неговата заменичка Радмила Шекеринска на празникот на жената, 8 Март.

– Ќе имаме двајца носители на листи, двајцата паралелно ќе го покриваат теренот. Тоа е еден нов квалитет, освен бројката од 50 отсто жени ќе имаме по една носителка на листа жена и по еден маж носител.

Заев најави и дека покрај него и партиската заменик-претседателка Радмила Шекеринска ќе биде носител на пратеничка листа.

– Ја продолжуваме постапката околу пратеничките листи, се координираме со коалициските партнери. Можам да објавам дека јас и Радмила Шекеринска ќе бидеме носители на листи, а за другото да ги почекаме органите да одлучат, рече Заев, додавајќи дека на пратеничките листи ќе се види континуитет, но, како што истакна, ќе има и нови ликови.

Шекеринска посочи дека за првпат донеле политички договор претходно, дека во секоја изборна единица ќе настапуваат како тандем, како комбинација на маж кандидат и жена кандидат, или жена кандидат и маж кандидат.

– Со тоа сакаме не само визуелно, туку и политички да ја испратиме пораката дека за да се промени државата на подобро потребни се сите и дека на тој начин испраќаме порака и до девојчиња и до девојки и до момчиња и млади мажи – дека тоа е новата реалност која ќе ни донесе нов квалитет. Порано изгледаше дека тоа е само симбол, меѓутоа симболите во политиката значат и друга содржина. И во Собранието ние видовме после години критика на системот на квоти, дека квотите не се само бројки, туку дека тие носат и еден нов тип на дебата во Собранието. И теми кои се наметнуваат, а долго време биле заборавени во Собранието. Така што ќе имаме многу носители и носителки на листи без разлика дали е некој прво или второ место, мислам дека тука сите покажавме дека позициите не ни се најважни – дека најважно ни е тоа што ќе го менуваме, подвлече Шекеринска.

Конечните кандидатски листи ќе се знаат неделава. СДСМ ќе ги објави денеска, по Конгресот, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, официјално листите со кандидати на пратениците за изборите на 12 април ќе ги презентира в среда, на 11 март.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кандидатите и носителите на листите треба да бидат потврдени на седница на Централниот комитет што ќе се одржи утре, на 10 март. Тој вели дека привршуваат анализите во партијата и разговорите со коалициските партнери. Мицкоски рече дека останува на ставот да не се кандидира за пратеник на изборите на 12 април и да биде шпицен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за мандатар.

Во врска со родовата застапеност на лицата кои ќе бидат потенцијални кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски повтори дека одбива да зборува за проценти, туку се застапува за квалитет, и на зголемување на тој квалитет.

-За жал, овде бројките се дефинирани со закон и ние ќе мораме согласно тој закон да постапуваме, односно помалку застапениот пол да биде 40-ина проценти, повеќе застапениот пол да биде 60-ина проценти. Но, не значи дека 40-ина проценти ќе биде помалку застапениот пол токму понежниот, можеби посилниот пол ќе биде помалку застапен на тие листи. Во финална фаза сме на составување на содржината на тие листи, рече Мицкоски.

Запрашан дали може на листата да се очекуваат и лица кои се непартиски определени, тој укажа дека имаа натпартиски кандидат за претседател на државата и оти може да се очекува натпартиски и истакнати личности во својата фела да се најдат и на кандидатските листи за пратеници.

На тоа дали ќе поднесе оставка ако изгуби на изборите закажани на 12 април Мицкоски вели е уверен во победа, и оти тоа го темели на проценки од анкети на јавното мислење.