Светот во 2021: Година на поделби

47

Светот ниту во 2021 година не најде решение за коронавирусот, бран по бран и варијанта по варијанта наизменично се менуваа речиси како годишни времиња, се интензивираа поделбите меѓу поборниците и противниците на вакцинацијата, за и против потврдите за ковид. Германија ја загуби „старата“ канцеларка, Америка доби нов претседател, а Авганистан ново-старите талибанци.

Глобалната борба против пандемијата на коронавирус влегува во следната година – нееднаквата достапност до вакцини, отпорот на вакцинација и појавата на позаразни варијанти го забавија сузбивањето на ковид. Антиваксерите, анти-маскерите, противниците на ковид-потврдите или карантин сè почесто го изразуваат своето незадоволство со масовни протести.

Дивјаштвото во американскиот Конгрес ги запрепасти сите, а брзината на враќањето на талибанците на власт веројатно и нив самите. Во Германија немаше потреси бидејќи однапред се знаеше дека Ангела Меркел заминува, но пословично воздржаните Германци својата најдолговечна канцеларка сепак ја испратија со по некоја емоција.

Пред крајот на годината, рускиот претседател Владимир Путин уште еднаш ги покажа мускулите со собирање војска долж границата со Украина, а целиот политички свет се собра во Глазгов во обид да го спаси реалниот.

Трка во вакцинација

Минатогодишната трка за развој на вакцини се претвори во овогодишна трка за вакцинирање на светската популација. Светската здравствена организација (СЗО) досега одобри десет вакцини, а ЕУ пет – Фајзер, Модерна, Астра Зенека, Џонсон и Џонсон и Новавакс.

Досега во светот се администрирани девет милијарди дози, но само 8,3 отсто од населението во земјите со ниски приходи е вакцинирано со најмалку една доза. Шефот на СЗО, Тедрос Аднан Гебрејесус, како папагал повторува дека неправедната дистрибуција „само ќе ја продолжи пандемијата“.

Ковакс, програмата за дистрибуција на вакцини во посиромашните земји, се очекуваше да испорача две милијарди дози оваа година, но достигна само една четвртина од целта.

Иако посиромашните делови од светот сè уште ги чекаат првите дози, Израел веќе најави четврта за здравствените работници и оние над 60 години. Се повеќе земји воведуваат или најавуваат задолжителни вакцини, а почнуваат да се вакцинираат и децата. Сите производители претежно тврдат дека нивните „бустери“ се доволно добри за омикрон.

Годината почна со алфа, во средината ја „изеде“ многу позаразна делта, а на крајот на годината пристигна уште позаразниот омикрон. Новите варијанти го загрозија економското закрепнување и ги принудија владите повторно да воведат построги мерки.

Патувањата се незамисливи без ковид-потврда која докажува вакцинација, разболување или негативен тест за коронавирус. Сертификатите станаа побаран документ од личните карти, а ширењето на нивната примена на работа, користењето на јавен превоз или влезот во јавните културни и спортски објекти предизвикаа низа протести, најмногу во Европа.

Напад на срцето на демократијата

На почетокот на годината разгневена толпа беснееше низ законодавниот дом и бараше поништување на изборите. Сепак, тоа не беше сцена од некоја банана република, туку од светилникот на светската демократија, американскиот Конгрес.

Неколку илјади револтирани поддржувачи на Трамп, кои беа лично поттикнати со одбивањето да го признаат изборниот пораз, го пробија полицискиот кордон, упаднаа во Капитол и имаа намера да спречат заедничка седница на двата дома на парламентот за да се потврди победата на Џо Бајден.

Сцените на хаос и насилство во кои пет лица ги загубија животите го запрепастија светот и предизвикаа воодушевување во земјите каде Американците обично држат „предавања“ за демократијата.

На полицијата и требаа неколку часа да ја врати контролата врз Капитол, по што Конгресот го потврди Бајден за претседател, што конечно го поттикна Трамп да вети мирно заминување од Белата куќа.

Две недели подоцна Џо Бајден положи заклетва на најнеобичната инаугурација во историјата. Градот беше полн со војници, а на жителите им беше кажано да останат дома за да не ризикуваат зараза. Наместо 200.000 луѓе, инаугурацијата на Бајден беше придружена со 200.000 знамиња. Трамп, спротивно на добрата традиција, не се појави на церемонијата.

Демонстрантот Џејкоб Чансли, „Канон Шаман“, кој стана еден од симболите на крвавите немири поради неговото обоено лице, крзно и рогови од биволи, во меѓувреме е осуден на 41 месец затвор.

Хаос во Кабул

Џо Бајден и неговиот претходник Трамп го споделија мислењето дека е неопходно да се повлече армијата од Авганистан и да се стави крај на најдолгата војна во американската историја, започната по терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Актуелниот претседател одлучи да го спроведе контроверзниот договор на Трамп со талибанците, кои за возврат ветија дека ќе ги прекинат врските со меѓународните терористички групи и ќе водат мировни преговори со авганистанската Влада.

Но, паралелно со повлекувањето на САД, стана јасно дека авганистанската војска не може или не сака да им се спротивстави на талибанците. Брзината со која тие освојуваа провинција по провинција и стигнаа до Кабул уште во август ги зачуди и Американците и светот.

Фотографиите од хаосот на аеродромот во Кабул, преполнетите американски транспортни авиони и снимките на луѓе кои висат од труп на авион не можејќи да влезат внатре сведочеа за очајот и хистеријата на луѓето кои сакаа да го напуштат Авганистан во страв од талибанците.

Западните земји потоа итно евакуираа повеќе од 120.000 Авганистанци, но зад себе оставија уште десетици илјади ранливи луѓе, главно активисти за правата на жените, новинари и поранешни авганистански владини службеници.

И покрај ветувањето за „помек“ режим, талибанците повторно ги задушуваат правата на жените и им се припишуваат убиства.

Режимот наметна родова сегрегација на факултетите и на жените во голема мера им е забранет пристапот до работа. Во септември во средно училиште се вратија само момчињата, а девојчињата сè уште чекаат да им биде дозволено.

Заминувањето на „мути“

Германската канцеларка Ангела Меркел се повлече од политичката сцена по 16 години на власт.

Една од најважните политичарки во генерацијата, де факто лидерката на Европската унија и лидерка на слободниот свет за време на мандатот на Трамп, му ја препушти функцијата на социјалдемократскиот политичар Олаф Шолц.

Нејзиното владеење беше обележано со постојани кризи. Финансиската криза, бегалската криза, трансатлантската криза и конечно пандемиската криза: низ сите овие периоди Ангела Меркел ја водеше земјата низ сигурни води. Благодарение на нејзините промислени потези, Германија излезе од сите тешки ситуации само со „ситни модринки и повреди“.

Многумина ја пофалија за нејзината цврста рака во водењето на Унијата низ проблемите, но некои ја критикуваа дека нејзината политика на „стабилност“, која се состои од чекање да поминат кризите и давање приоритет на економските интереси дури и во односите со Русија и Кина, само ја ослабна европската интеграција и поттикна инерција.

Францускиот претседател Емануел Макрон најочигледно претендира на титулата нов лидер на ЕУ, иако ниту Шолц нема намера да седи со скрстени раце.

Земјата виси на конец

Сите очи беа вперени во КОП26 во Глазгов во ноември, откако ОН предупредија во август дека светот се приближува кон сценарио без враќање по прашањето на глобалното затоплување и дека за тоа „недвосмислено“ е виновно човештвото.

Двесте учесници на самитот за климата се обидоа да ја зачуваат целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, бидејќи затоплувањето над тој праг може да има неповратни климатски ефекти.

На состанокот во Глазгов најпрво беше усвоен климатски договор во кој се споменуваат фосилните горива, но наместо „постапно отстранување“ беше договорено „постепено намалување“ на барање на Кина и Индија, земји чии економии зависат од фосилните горива.

Светските лидери, исто така, ветија дека ќе го намалат уништувањето на шумите до 2030 година и постигнаа договор за трговија со јаглерод.

Иако го поздрави договорот, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека „нашата кревка планета виси на конец“, а шведската активистка за климата Грета Тунберг го нарече КОП26 брборење и рече дека нема да се откаже од борбата против климатските промени.

Обновени тензии меѓу Москва и Киев

Украина, ЕУ и САД со недели ја обвинуваат Русија за планирање напад врз Украина. Според НАТО, Русија распоредила меѓу 75.000 и 100.000 војници долж границата, а Западот стравува дека ќе се повтори 2014 година, кога Русија го анектираше полуостровот Крим.

Кремљ негира дека подготвува инвазија, велејќи дека распоредувањето на армијата е чисто од одбранбена природа и бара безбедносни гаранции за сопствената безбедност. Тој исто така го повикува НАТО да не распоредува оружје во земјите кои граничат со Русија и се противи на евентуалното членство на Украина и Грузија во тој сојуз.

ЕУ и САД воведоа економски санкции против Русија во 2014 година, насочени кон енергетскиот, банкарскиот и одбранбениот сектор, а сега размислуваат за нови мерки во случај на руска инвазија на Украина.

Вода, ветер и лава

Катастрофални поплави ја погодија западна Европа во јули. Германија беше погодена од најголемата природна катастрофа во речиси шест децении со најмалку 180 загинати, околу четириесет луѓе загинаа во Белгија, а Холандија и Луксембург немаа жртви.

Автобуска несреќа на бугарскиот автопат во ноември однесе 45 животи, од кои повеќето етнички Албанци од Северна Македонија. Загинаа туристи кои се враќаа во Скопје по викенд во Истанбул.

Во несреќата на жичара во италијанскиот регион Пиемонт во мај загинаа 14 лица, а само петгодишно момче од Израел остана живо.

Вулканот Кумбре Виеја на шпанскиот Канарски остров Ла Палма почна да еруптира на 19 септември, за прв пат по 50 години. Оттогаш се евакуирани повеќе од 7.000 луѓе, а на некои од нив лавата им го проголта домовите. Во декември, локалните власти повикаа околу 33.000 жители на неколку општини во Ла Палма да се држат настрана од отровните гасови.

Најсмртоносното торнадо што ја погоди Америка во декември уби 90 луѓе во Кентаки. Во истиот месец во најразорниот тајфун во Азија оваа година, најмалку 375 луѓе ги загубија животите на Филипините.

Милијардери летаат во вселената

Роверот на НАСА Perseverance, најнапредното вселенско летало испратено во другиот свет, во февруари слета на Марс. Главната цел на двегодишната мисија вредна 2,7 милијарди долари е да се бара микробиолошки живот што би можел да се наоѓа на Марс пред три милијарди години, околу времето кога настанал животот на Земјата.

Најголемиот и најмоќниот телескоп во историјата беше лансиран во вселената на Божиќ. Телескопот Џејмс Веб (JWST) е наследник на легендарниот Хабл и е неверојатно моќен.

„JWST може да види термички отпечаток на бумбар од далечина како Месечината“, рече космологот и астрофизичар Џон Матер.

Неговата орбита околу Сонцето ќе биде на 1,5 милиони километри од Земјата, што е значително подалеку од Хабл, а крајната цел е да се открие дали Земјата е единствената или има слични планети каде што може да никне живот.

Годинава се засили трката за превласт во вселенскиот туризам. Британскиот претприемач Ричард Бренсон е првиот милијардер кој се вивна во вселената во јули со вселенско летало од неговата приватна компанија Virgin Galactic.

Тој успеа пред друг богаташ, Џеф Безос, кој полета во вселената десет дена подоцна со ракетата New Shepard на неговата компанија Blue Origin. Три месеци подоцна, истото вселенско летало го превезе легендарниот капетан Кирк од „Ѕвездени патеки“, 90-годишниот Вилијам Шатнер (90), кој на тој начин стана најстариот човек во вселената.

Компанијата SpaceX, на Илон Маск, пак, во септември испрати четворица вселенски туристи во вселената на три дена.

Фејсбук, од друга страна, го смени името во Мета, а според шефот на компанијата Марк Закерберг, новото име подобро ќе го одрази она за што ќе се работи – развој на метаверзум.

Бискуп, принц, актер, астронаут и тапанар

Во споредба со некои претходни години, во 2021 година, смртта беше нешто помилосрдна за познатите.

Моралниот компас на Јужна Африка, херојот на борбата против апартхејдот и неуморниот борец за „нацијата на виножито“, надбискупот Дезмонд Туту, почина ден по Божиќ, на 90-годишна возраст. И црнците и белците го сметаа добитникот на Нобеловата награда за мир за совест на нацијата, што е траен доказ за неговата вера и духот на помирување во поделената земја.

Принцот Филип, поморски офицер без влакна на јазикот кој и помогна на својата сопруга кралицата Елизабета да ја модернизира британската монархија, почина два месеци пред неговиот 100-ти роденден. Тој секогаш ја следеше кралицата на илјадниците церемонии на кои присуствувала во нејзиното владеење, најдолгото во британската историја.

Често беше критикуван за неговото однесување и непромислените изјави, но неговите пријатели тврдат дека на монархијата и дал доза на духовитост, генијалност и енергија. „Тој едноставно беше мојата сила и поддршка сите овие години“, изјави Елизабет во 1997 година по повод 50-годишнината од бракот.

Харизматичната ѕвезда на францускиот нов бран, која имаше посебно место во срцето на Французите, Жан Пол Белмондо почина на 88-годишна возраст.

Иако многумина тврдеа дека „со таков изглед никогаш нема да успее во оваа работа“, актерот кој се прослави во филмот на Годар „До последен здив“ оствари завидна педесетгодишна филмска кариера во која сними 80 филмови.

„Франција го загуби своето национално богатство“, напиша претседателот Емануел Макрон.

Мајкл Колинс, дел од тричлениот екипаж на Аполо 11 кој прв слета на Месечината, почина во април. За разлика од Баз Олдрин и Нил Армстронг, тој никогаш не одел по површината на Земјиниот сателит, туку помина 21 час сам пилотирајќи модул во орбитата околу него.

Колинс губел контакт со Хјустон секој пат кога неговиот модул бил на темната страна на Месечината. „Од Адам, ниту еден човек не бил толку осамен како Мајк Колинс“, се вели во соопштението на мисијата.

„Знам дека би бил лажго или будала ако кажам дека го имав најдоброто од трите места на Аполо 11, но можам искрено и мирно да кажам дека бев целосно задоволен од она што го имав“, рече тој еднаш.

Британскиот тапанар Чарли Вотс, најмирниот член на Ролинг Стоунс склони кон скандали, почина на 80-годишна возраст. Студениот израз на лицето на Вотс и метрономските ритми беа составен дел од класичните изведби на бендот, балансирајќи ја сценската енергија и харизмата на пејачот Мик Џегер и задевањето на гитаристите Кит Ричардс и Рони Вуд.

Додека другите членови на групата беа познати по распаднати бракови, зависности, апсења и испади, Вотс живееше мирен живот со својата сопруга на сточарска фарма во далечниот Девон.

Уривањето на хотелските соби и спиењето со обожавателки никогаш не го привлекувало Вотс. „Никогаш не го исполнив стереотипот на рок ѕвезда“, рече тој еднаш. „Во 1970-тите се обидов да пуштам брада и тоа ме исцрпи.