Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, на 7 декември (12 ч.), со пригодна свеченост со наслов „Свети Климент во колективната меморија на Охрид“ ќе биде одбележан 8 Декември, Денот на свети Климент Охридски – патронот на градот.

Оваа 2023 година, со финансиска помош од 300 000 денари од Министерството за култура, Библиотеката го реализира проектот за адаптација на просторот и за создавање услови за депо за редок библиотечен фонд, со примена на високи стандарди за негово чување.

Симболично, со видеоприказ, ќе биде отворено новото депо, а ќе биде промовиран и каталогот за дел од реставрираните книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид. За првпат во каталогот се објавени конкретни факти за богатиот трезор од ретки книги во Библиотеката, од кои најстарата, „Прохорпчињско изборно евангелие“, датира од последната четвртина на 16 век. Таа е сопственост на Библиотеката од Охрид, но се чува во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Во Охрид, во реткиот фонд има 812 книги, и тоа од периодот 1872 до 1945 година, напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и од италијански автори. Од нив, во последниве пет години стручно се заштитени 65 книги.

За првпат јавно, во пишан документ, во овој каталог, по едно опсежно истражување, е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи, кои сведочат за темелите на македонската државност поврзани со Илинден и со НОБ, но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, делата на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јанески, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски. Библиотеката го поседува и фототипното издание на „Бели мугри“ од Рацин, издадено во 1939 година.

На настанот, ќе следува презентација на проектот за изградба на пристапна рампа во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од младите охридски архитекти, здружени во Колектив АРХРИД.

Утре, во Библиотеката ќе им бидат доделени  наградите на учениците од основните училишта за најдобрите поетско-прозни творби од распишаниот конкурс по повод Месецот на книгата, на тема „Среќа“. По повод 8 Декември, Денот на свети Климент Охридски и патрониот празник, во текот на декември бесплатно ќе бидат зачленети 70-мина ученици од петто одделение, од ООУ „Свети Климент Охридски“ – Охрид.