Свежа салата со црвена зелка, калинка и мелени семиња – Од витамини никогаш доста!

501

Иако има изразена виолетова боја, сепак ја нарекуваме црвена зелка. Овој зеленчук е вистинско растително чудо – содржи околу 6-8 пати повеќе витамин Ц во споредба со зелената зелка, изобилува со калциум, калиум, железо, Б витамини, бета каротин.

Ако на ова ги додадеме и благотворните својства на калинката, која е богата со антиоксиданти, витамин Б, Ц, калциум и фосфор, оваа салата без двоумење е вистинска витаминска бомба, и не двоумете се да ја пробате.

Потребни состојки:

  •  половина главица црвена зелка
  • половина шолја мелени семки (мешавина од 4 семиња – сусам, лен, семки од тиква, семки од сончоглед)
  • семки од половина калинка
  • една јаболка (кисела)
  • сол
  • маслиново масло
  • оцет балсамико

Подготовка:

Отстранете ги горните листови од зелката и добро измијте ја. Зелката насецкајте ја ситно, или изрендајте ја.

Јаболката излупете ја и нарендајте ја во салатата. Во салатата ставете ги мелените семиња и семките од калинка.

Ставете сол, маслиново масло и оцет балсамико и убаво измешајте ги сите состојки.

Салатата секогаш се консумира свежо подготвена.

Уживајте во вкусот!