„Очекуваме доколку не се појават непредвидени работи објектот да биде завршен при крајот на 2026 година. Можам да кажам дека тоа ќе значи вселување во еден нов, реконструиран објект каде што ќе може и вработените и публиката конечно да уживаат во уметноста во создавањето и во гледањето на убави настани од културата. Тeатарот е местото каде се создавала уметноста во Куманово, каде се доживувале убави емоции и очекувам истото да продолжи и во тој нов реконстуриран храм на културата и уметноста“ вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Сашо Тодоровски, директор на ЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово
Сашо Тодоровски, кој повеќе од пет години е директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, неодамна изјави дека од Владата и Министерството за култура им се одобрени комплетни финансиски средства за реконструкција и целосно завршување на кумановскиот театар. Повод за разговорот во весникот ВЕЧЕР се токму плановите околу реконструкцијата, но и активностите на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово за оваа година.
За реконструкција и целосно завршување на Театар Куманово одобрени се вкупно 153.475.165,00 денари за три години. За оваа година, пак, има десет милиони денари. За што ќе бидат употребени овие средства конкретно годинава?
Најправо сакам да кажам дека го добивме она што го баравме и побаравме изминативе две години, а тоа е вкупната предвидена сума за целосно завршување на зграда на Театар Куманово. Овие средства ќе бидат употребени за целосно завршување на објектот кој треба да биде завршен при крајот на 2026 секако доколку не се појават некои непредвидени работи во текот на изведбата на проектот. Оваа година треба да сочекаме кои насоки ќе ги даде проектанот според техничката предмер пресметка и според проектот за да видиме како најдобро да се вложат и искористат овие десет милиони денари кои се предвидени за оваа година.
Кога ќе стартуваат работите?
Работите би требало да стартуваат наскоро, во следниве два до три месеци откако ќе биде изготвена техничката спецификација за предмер пресметката според проектот и според тоа што ќе треба да се изведе на објектот според предвиденото од насоките на проектантот. Оваа фаза и изведба би требало да се заврши некаде до почетокот на ноември оваа година.
Посочувате дека во месец јануари идната година ќе можете да ги побарате и останатите средства за 2025 и 2026 година кои се влезени и обезбедени во програма на Владата. Тие средства се поголеми, односно 60 милиони денари за 2025 година и 83.674,165,00 денари за 2026 година. За што конкретно овие средства се предвидени?
Да, во дописот од Министерство за култура стои дека секој јануари во следниве две години со претходно барање ќе може да ги побараме средствата кои се предвидени за таа тековна година и според техничката спецификација изготвена од проектантот да ги употребиме истите. За 2025 година според средствата со кои ќе располагаме треба да се започне со реконструкција на кровната конструкција и делот на термотехника кој е еден од најобемните делови за изведба на целиот прокет, а следната година 2026 би требало да се работи на сцената, ентериерно уредување, сценски технологии и техничко опремување на театарот.
Кога очекувате целосно завршување на зградата на Театар Куманово и какво значење ќе има реконструираниот објект за вработените (актерите,…), но и за кумановската публика?
Како што реков очекуваме доколку не се појават непредвидени работи објектот да биде завршен при крајот на 2026 година. Што тоа ќе значи за вработените и за градот? Можам да кажам дека тоа ќе значи вселување во еден нов, реконструиран објект каде што ќе може и вработените и публиката конечно да уживаат во уметноста во создавањето и во гледањето на убави настани од културата. Тeатарот е местото каде се создавала уметноста во Куманово, каде се доживувале убави емоции и очекувам истото да продолжи и во тој нов реконстуриран храм на културата и уметноста.
И претходните две години со пари од Министерството за култура се реконструираше театарот. Што досега е направено?
Да, во првите две години од реконструкцијата се направија многу работи, би споменал дека имаме нови четири гримиорни каде актерите се подготвуваат пред да излезат на сцена, направен е простор за нова читачка соба, зајакнати се носечките конструкции на објектот кој морам да кажам дека се наоѓа во дел од училишна зграда и мораше да се вклучат многу стручњаци од градежната фела поточно од ИЗИИС на кои неизмерно сме им благодарни кои со своето знаење, стручност и совети успеаа да ги решат и тековните проблеми кои се појавија при изведбата на работи на ваков стар објект. Направени се и пристапни рампи за лица со посебни потреби, направени се уште шест нови канцеларии, простории за оставање и складирање на сценографија, нови 8 тоалетни јазли, тоалети за лица со посебни потреби, направен е простор за вградување на лифт за лица со посебни потреби. Морам да истакнам дека во зградата на театар Куманово работат две драми, македонска и албанска драма и сè што е предвидено е предвидено за да се направи простор двата ансамбли да имаат доволно засебни простории кои се потребни за подготовки на претставите.
Колку подобрувањето на условите на културните објекти во целата нашата земја, вклучително и Куманово, придонесува за зголемување на посетата на овие институции од страна на публиката?
Подобрување на условите во кои работите најпрвин е од големо значење за вработените, за ансамблите бидејќи секој сака да работи во убав простор, простор кој ќе го инспирира и ќе му даде можност да си ја заврши успешно својата работа, секако убавиот простор влијае и на публиката, бидејќи се чувствувате убаво кога ќе влезете во нов, убаво среден објект кои ги нуди сите услови за да можете да гледате настан од културата дали тоа е претстава, концерт или друг уметнички преформанс. Во секој случај подобри услови значи дека ќе имаме повеќе можност за внесување на технички новитети кои се присутни во денешново време при креирање и создавање на настани од културата за да се реализира еден концерт или, претстава.
Кои се позначајните активности за годинава на ЦК „Трајко Прокопиев“?
Неодамна излезе Годишната програма од Министерството за култура и наскоро ќе започнеме со реализација на истата. Ние и до сега во месец јануари и февруари имавме неколку настани, и тука пред сè би ја споменал книжевната вечер во која ни гостуваше гостинот од Бугарија, Пламен Тотев еден од најпознатите издавачи и преведувачи на книги од македонски автори во таа земја, и авторот Сашо Кокаланов од Македонија при што го промовиравме неговиот најнов роман „Среќните луѓе не слават родендени“ и концертот на Младинскиот оркестар при Центар за култура кој го оддржавме на 14 февруари. Деновиве (22 февруари) беше отворена изложбата на уметницата Лара Ташковска, а исто така би споменал дека на 29 февруари ќе гостуваме во Основното училиште „Иднина“ од Скопје, училиште за деца со посебни потреби каде ќе ја изиграме нашата претстава „Црвенкапа“. Тука би го најавил и гостувањето на една изложба од Центарот за култура Куманово, „Скици“ со која на 4 март ќе гостуваме во Гевгелија во организација на тамошниот Дом на култура. Како позначајни настани годинава би ги издвоил Меѓународниот фестивал на проза кој по трет пат се одржува во Куманово на 30 и 31 мај, и Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ кој ќе започне традиционално последната недела од месец септември. Подготовките за овие два настани се веќе во тек и очекуваме да наидат на интерес кај нашата публика. Тука се и претставите на македонска и албанска драма при театар Куманово, вкупно четири кои се одобрени од годишната програма, а секако ќе имаме и уште најмалку една наша продукција на театарска претстава. Би ги споменал и проектите од ликовна, фолклорна и музичка дејност кои наскоро ќе започнеме да ги реализираме. Во преговори сме за датум за гостувањето на Националната опера и балет во мај или јуни, а исто така ќе се обидеме да направиме гостување и на Македонска филхармонија во Центар за култура Куманово после подолг период. (Н.И.Т.)