Помошникот на претседателот на Соединетите Американски Држави за национална безбедност, Џејк Саливан телефонски разговараше со премиерот на Косово, Албин Курти.
„Саливан изрази сочувство за убиството на косовски полицаец кој беше убиен за време на службената должност за време на насилните напади што се случија на 24 септември“, известува Ивица Пуљиќ.
Тој, исто така, изрази загриженост за српската воена мобилизација во близина на границата со Косово.
Зајакнување на КФОР
Тој укажа на неодамнешните одлуки на НАТО да го зајакне присуството и активноста на силите на НАТО во Косово (КФОР), особено во северно Косово, и ја нагласи подготвеноста на САД да соработуваат со сојузниците за да се осигура дека КФОР ќе продолжи да има соодветни ресурси за исполнување на нивната мисија.
Освен тоа, Саливан и премиерот Курти разговарале и за дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија, за кој Саливан истакна дека е единственото долгорочно решение за обезбедување стабилност на цело Косово.
САД бараат Србија да ги повлече своите сили
Белата куќа во петокот објави дека Соединетите Американски Држави го следат „загрижувачкото распоредување на српската армија долж границата со Косово“, што ја дестабилизира областа и повика на повлекување на овие сили, пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби изјави за новинарите дека бројот на мировните сили на Косово ќе биде зголемен преку единиците на НАТО поради зголемувањето на тензиите.
Кирби додаде дека е забележано распоредување на напредна артилерија и тенкови.
Косовските власти објавија дека полициските сили се бореле со 30 тешко вооружени Срби кои упаднаа во селото Бањска во неделата и се забарикадираа во манастирот на Српската православна црква. Во нападот загинаа тројца напаѓачи и еден полицаец.
Кирби рече дека нападот не е случаен чин и дека количината на пронајденото оружје не е само закана за Косово, туку и за меѓународните сили, вклучувајќи ги и трупите на НАТО.
„Сите инволвирани во нападот мора да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече тој и ги повика српските власти да помогнат во истрагата.
Кирби го нарече „големото распоредување на српската војска долж границата со Косово“ дестабилизирачки настан и ја повика Србија да ги повлече овие сили и да придонесе за намалување на тензиите.