„Сигурна сум дека некоја чудна промисла ме донесе во Скопје. Чувствувам дека мојот живот во Скопје не беше резултат на чиста случајност, туку дека има причина што престојував во градот и што сè уште му се враќам. Почнав да ја пишувам мојата приказна за овој град и ќе се обидам да не ја завршам наскоро. Најдобро е впечатоците да се множат…“, вели Љубица Кубура, која е родена во Белград, каде што моментално живее и работи, но која еден период од животот го поминала и во Скопје, каде на 1 декември (18 ч.) во Јавната соба (Public Room) во организација на српскиот Културно-информативен центар „Спона“ ќе ја промовира својата книга „Епитаф за актер“

„Епитаф за актер“ (Епитаф за глумца) е наслов на романот, најновото дело на познатата српска писателка и колумнистка Љубица Кубура, кое македонската промоција ќе ја има на 1 декември (18 ч.) во Јавната соба (Public Room) во Скопје, во организација на српскиот Културно-информативен центар „Спона“. Љубица Кубура која е родена на 29 јануари 1988 година во Белград, каде што моментално живее и работи, еден период од животот го поминала и во Скопје.

Токму во неодамнешното интервју за „Спона“ насловено „Почнав да ја пишувам мојата приказна за Скопје…“, таа се потсетува на таткото Ристо, доајен на новинарството, но и резимира зошто Скопје е многу важен дел од нејзиниот живот… На прашањето колку Скопје и е драго и важно за нејзината приказна, таа во интервјуто вели: „Сигурна сум дека некоја чудна промисла ме донесе во Скопје. Чувствувам дека мојот живот во Скопје не беше резултат на чиста случајност, туку дека има причина што престојував во градот и што сè уште му се враќам. Почнав да ја пишувам мојата приказна за овој град и ќе се обидам да не ја завршам наскоро. Најдобро е впечатоците да се множат…“, вели Кубура, која во македонската метропола престојувала во време на корона.

За својот татко Ристо кој бил врвен новинар, но и исклучителен поет и колку тој влијаел таа да тргне по неговите стапки, Љубица Кубура истакнува дека токму од него научила дека талентот не значи ништо ако човек постојано не работи на себе.

„Научив дека писателот мора да чита повеќе отколку што пишува, дека мора постојано да ги усовршува зборовите додека не го достигне посакуваното совршенство. И дека добар поет е секогаш пророк…“.

За својот роман „Епитаф за актер“ чие создавање беше најавено на скопската промоција на „Белградски акварел“ (без да бидат кажани повеќе детали), и дали се работи можеби за биографска, автобиографска или измислена приказна, таа пак, ќе посочи:

„Сметам дека книжевната вистина ја надминува реалноста и нејзините учесници, и се стреми да се доближи до универзалните закони кои потоа опстојуваат како поука, лишени од патетика, лицемерие и други девијации на реалниот живот. Затоа верувам дека читателот мора секогаш да ја бара суштината, сè друго е само приземен нагон за интрига, односно само задоволување на љубопитноста, која нѐ оттргнува од вистинскиот пат. Луѓето можат да бидат немилосрдни ако ги откријат вашите лични слабости во вашата работа. Затоа е важно со помош на литературата да научиме да бидеме сурови пред се кон сопствените слабости и недостатоци…“.

Инаку, приказната која што го гради романот „Епитаф за актер“ е приказната за – Крсто Кубура, сведоштво за суров талент и непоколеблива решителност да ги оствари своите детски соништа. Зад себе ги остава родителите и браќата, доаѓа во голем град и станува познат актер. Романот  навлегува во нескротливиот дух на човек кој одбива да биде замолчен, заменет и заборавен, дури и кога е соочен со непремостливи пречки. Откако ќе се спушти завесата на животот на актерот, неговата ќерка, која го гледа како модел, почнува да пишува роман за нејзиниот татко, обидувајќи се да го спаси неговото наследство од заборав…

Љубица Кубура, која пишува колумни за неколку портали во Србија, ја запознавме како одличен писател благодарение на збирката раскази „Белградски акварел“.

На промоцијата, покрај авторката на романот, ќе зборуваат и уредничката на книгата Ивана Вуковиќ, Нина Ќеклиќ и Милутин Станчиќ од СПОНА. (Д.Т.)