Ракометарите на Алкалоид освоија бод во Европската лига на ЕХФ, откако во драматичен натпревар ремизираа со Натурхаус Ла Риоха – 29:29. Мечот во Шпанија беше израмнета, момците на Кирил Лазаров можеа да дојдат и до победа, ама во клучни моменти имаа неколку промашувања. Сепак, во завршните минути се вратија од „минус три“ и освоија голем бод на ова гостување во Шпанија.

Со по седум погодоци најефикасни на натпреварот беа Арно Бинго од Алкалоид и Пресиадо Рамос од Ла Риоха. Во македонскиот табор максимален со „шест од шест“ беше Иван Џонов, а со четири гола придонесе и Мартин Велковски. Благојче Трајкоски го заврши натпреварот со шест интервенции, но во клучни моменти од средбата.

Алкалоид е првата македонска екипа која заминува непоразена од салата на Ла Риоха, откако претходно Металург во рамки на Лигата на шампионите доживеа два порази во меѓусебните пресметки со клубот од северот на Шпанија.