„Со изборот на проф. д-р Мариана Мурджева за почесен професор (professor honoris causa), на Факултетот за стоматологија, во состав на Европски универзитет – Скопје, универзитетот и Факултетот за стоматологија ќе добијат врвен научник и едукатор, човек кој повеќе децении работи во дејноста и ја шири научната мисла, а во својата работа се држи до принципите на научната етика“, велат од Европски универзитет – Скопје. Двата универзитети во јануари потпишаа и меморандум за соработка на сите нивоа
Професор д-р Мариана Мурджева, ректорка на Медицинскиот универзитет во Пловдив, вчера беше инаугурирана во почесен професор на Факултетот за стоматологија при Европскиот универзитет во Скопје, со што се продлабочува соработката меѓу двете врвни високообразовни институции од Бугарија и од Македонија.
На свечениот чин по овој повод, одржан во амфитеатарот на Европскиот универзитет, а на кој присуствуваше и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов, и помошникот на министерот за образование на Бугарија, проф. д-р Костадин Костадинов, еминентната професорка и експерт во својата област, проф. д-р Мариана Мурджева, пред присутните професори и студенти на Европскиот универзитет, одржа и предавање на тема „Антимикробна резистентност“.
Со оглед дека Одлуката за доделување почесно звање на Мурджева ја донесе универзитетскиот Сенат, проф. д-р Владо Ванковски, ректор на Европскиот универзитет – Скопје, ја истакна важноста на соработката на двете образовни институции со големо реноме. Тој нагласи дека секоја институција во светот што се занимава со високообразовна дејност, во областа на природните и медицинските науки, би била почестена да ја има проф. д-р Мариана Мурджева во своите редови.
„Како предавачи на нашиот Универзитет сме имале амбасадори, воени и културни аташеа, професори од повеќе универзитети, но досега не сме имале ректор на Медицински универзитет да одржи предавање и да биде избран за почесен професор“, истакна во оваа пригода Ванковски.
Титулата почесен професор на Мурджева, која има богата професионална кариера, ѝ се доделува поради посебниот придонес за воспоставување и развивање на меѓународната соработка, склучувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Европскиот универзитет – Скопје (Факултет за стоматологија) со Медицинскиот универзитет во Пловдив (Факултет за дентална медицина).
На доделувањето на титулата е истакнато и дека проф. Мурджева активно учествува во научноистражувачката и апликативната дејност од областа на природните и медицинските науки и извршувањето раководни функции на Медицинскиот универзитет во Пловдив, како и дека ќе има значајна улога во развојот на научноистражувачката дејност на Факултетот за стоматологија при Европскиот универзитет, како и во негова меѓународна афирмација. Проф. д-р Мурджева е и раководител на Катедрата за микробиологија и имунологија на Медицинскиот универзитет во Пловдив, а ја извршува и функцијата потпретседател на Бугарската асоцијација за клиничка микробиологија. Таа е и главен координатор на Експертскиот совет за имунологија на Министерството за здравство на Република Бугарија.
„Со изборот на проф. д-р Мариана Мурджева за почесен професор (professor honoris causa), на Факултетот за стоматологија во состав на Европски универзитет, Скопје, универзитетот и Факултетот за стоматологија ќе добијат врвен научник и едукатор, човек кој повеќе децении работи во дејноста и ја шири научната мисла, а во својата работа се држи до принципите на научната етика“, потенцираат од Европски универзитет – Скопје.
Соработка на сите нивоа меѓу двата универзитета
Меморандумот за соработка меѓу двата универзитета, Медицинскиот универзитет во Пловдив и Европскиот универзитет – Скопје, кој беше потпишан во јануари годинава, според проф. д-р Мурджева, вклучува размена на наставно-научни работници и студенти од факултетите со реципрочно учество во академскиот процес, научна и стручна работа, заедничка изработка на научни проекти, учество на научни собири, симпозиуми и конференции. Медицинскиот универзитет во Пловдив е државен универзитет, кој е втор по големина во Бугарија, а во негов состав егзистира Факултетот по медицина, по дентално здравје, по фармација и Факултетот по општествено здравје.
„Потпишаниот меморандум за соработка на сите нивоа меѓу овие два универзитети ги отвора вратите на нашите студенти за едукација и престој на оваа престижна вискообразовна институција во Бугарија“, велат од Европскиот универзитет-Скопје.
Во склоп на вчерашната работна посета, гостите од Бугарија имаа прилика да се запознаат и со работата на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Проф.д-р Бојо Андрески“, каде што студентите по стоматологија ја реализираат практичната настава. (Д.Т.) Фото: Н.Батев