Во книжарницата на издавачкиот центар „Три“ во ГТЦ, вечерва (22 февруари), со почеток од 19 часот, ќе се одржи разговор со писателката Лидија Димковска за нејзината нова книга „Единствен матичен број“.

„На средбата ќе успеете да откриете што стои зад бројките на единствениот матичен број, кои сме и што сме независно од него, и како да навлеземе подлабоко во себеси, а разговорот ќе го води Виолета Танчева-Златева. За влез не е задолжително поседување на личен документ за идентификација. Доволни се само вашите вистински лица“, посочуваат од „Три“.

Оттаму додаваат дека станува збор за освестувачки роман за нашиот свет што заборавивме да го сакаме. Трогателна приказна за обесчовечувањето на човештвото. Роман потрага по утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот.

Инаку, Лидија Димковска е веќе докажана авторка на овие простори и надвор од нив. Двапати се има закитено со наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и со германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, со романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“…