Поради кршење на човековите права, компанијата „Амазон“ ќе мора да исплати 1,9 милиони долари на 700 странски работници, кои се вработени во магацини во Саудиска Арабија. Ова е резултат на дел од спогодбата поради прекршување на човековите права и тешка злоупотреба на работната сила што работела таму во ужасни услови.

Од компанијата соопштија дека претходно ангажирала вештак за утврдување на позицијата на работниците, а странска организација утврдила низа неправилности во однос на договорите за вработување и исплатата на платите.

Оваа приказна допре до американската јавност во септември 2023 година, кога Амнести интернешенел ги претстави своите шокантни откритија за прекршување на правата на работниците вработени во магацините на компанијата во тој регион.

Според нивните информации, голем дел од нив се жртви на трговија со луѓе, со посебен акцент на тоа што „Амазон“ бил свесен за ризикот нивните работници во тој дел од светот да бидат експлоатирани, а живееле во несоодветни простории полни со бубачки, често без вода за пиење.