Работната група по принципот „брзај полека”:20 проценти забетонирани во Уставот!

278

Работната група која работи на подготвување на предлог-иницијативата за уставни измени брза и покрај тоа што нема рокови за да ги подготви нацрт- амандманите. По денешниот состанок, експертите во работната група ја отфрлија можноста работната група да расправа за други интервенции во Уставот, како што беше предлогот формулацијата „20 проценти“ да се замени со „албански јазик“, што беше барање на неколку политички партии од албанскиот блок.  Познавачите на политичките прилики велат дека ваквата одлука во секој случај нема да ги премисли албанските партии да дадат поддршка за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

– Не верувам, ниту ќе ја услови ниту ќе ја забави поддршката за измени во Уставот. Сигурно дека ќе биде подобро да се смени сега сè, и формулацијата и другите интервенции што се предлагаат, но комисијата одлучи да се интервенира во преамбулата и не верувам дека тоа ќе биде причина за да не се гласаат уставните промени. Отфрлањето на предлогот експертската група да ја разгледува формулацијата „20 проценти“ сигурно дека нема да ги премисли албанските опозициски партии да ги гласаат уставните измени – коментира Алберт Муслиу во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска, информираше дека членовите едногласно гласале за деловникот за работа и потенцираше дека работната група ќе расправа само за заклучоците на Владата апропо меѓународниот документ што Македонија го има потпишано.

– Деловникот е едногласно усвоен и отсега натаму веќе сите формално-правни околности, проблеми, елементи нема да бидат проблем со оглед на јасноста и прецизноста во него. Деловникот ќе биде објавен на станицата на Министерството за правда и јавноста ќе може да го оцени. Јас го оценувам како добар, го оценувам како основа која дава можност за сето она што треба ние понатаму да го работиме без да влегуваме во некои дискусии кои ќе ја одолговлекуваат работата, а немаме многу време. Ние немаме зацртано некои рокови, меѓутоа она што е важно, треба да се имаат предвид апсолутно сите оние можности што треба да ги искористиме за меѓународната заедница да продолжи да работи согласно со нејзината агенда во која влегуваме ние – изјави Николовска.

Експертската група ќе се состанува еднаш неделно, а одлуките ќе се носат со мнозинство од вкупниот број членови.

– Приоритет е ова да се стигне со време за да може, колку што е можно побрзо, државата да ги презентира резултатите што ги има преземено од меѓународниот договор. Сега-засега, нема да се отвораат други прашања за Уставот. Ова е нешто што првенствено треба да се заврши да се „издрафтира“ тој нацрт-документ, да се достави до предлагачот, кој понатаму ќе го достави до Собранието и веќе политичкиот сегмент е тука во прашање – изјави претседателката на работната група.

Дел од албанските партии предложија во пакетот уставни измени што треба да се направат, да се внесе и албанскиот јазик како официјален јазик во државата.

Сега е моментот, со отворањето на Уставот за вметнување на Бугарите и на други заедници во преамбулата, формулацијата „20 проценти“ да се замени со „албански јазик“, изјави неодамна градоначалникот на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Владините функционери, иако никогаш директно не го отфрлија предлогот на албанските партии, во неколку наврати потенцираа дека е логично работната група и јавната дебата да се фокусираат само на оние обврски што се поврзани со преговарачката рамка и патот на земјата кон Европската Унија. И покрај непроменетите ставови, власта е оптимист дека целата процедура за измени во Уставот ќе почне пред летото.

Работната група за подготовка на предлог-иницијативата за потребата од уставни измени, за внесување на Бугарите, заедно со други етнички заедници, што е услов за отворање на кластерите во процесот на преговори со Европската Унија, ја сочинуваат 23 членови, од кои десетмина се од редот на експертите, десетмина се предлози на политички партии, а тројца се членови од институции.   (Ј.Ц.Г.)