Путин пристигна во Иран: Претстојат разговори со Раиси и Ердоган, како и трилатерална средба

153

Рускиот претседател Владимир Путин, пристигна во посета на Иран, каде што ќе има одвоени средби со претседателите на Иран и Турција, како и трилатерална средба.

Според планот на посетата, Путин прво ќе разговара со претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, а потоа и со врховниот верски лидер на таа земја Али Хамнеи.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред посетата изјави дека Москва е многу приврзана за односите со Техеран, а истовремено оцени дека има голем потенцијал за раст на обемот на трговската размена.

Се очекува обемот на стоковната размена да достигне 10 милијарди долари годишно, но дека има можности за повеќе.

Една од темите на разговор ќе биде иранскиот нуклеарен договор. САД соопштија дека сите предлози се на маса и дека Иран е подготвен да ги прифати.

Помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков посочува дека Русија е за нуклеарен договор во верзијата што беше воспоставена уште во 2015 година.

Разговор со Ердоган

Путин потоа ќе има посебен разговор со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган.

Се очекува двајцата претседатели да разговараат за Украина, поточно за извозот на жито од украинските пристаништа.

Да потсетиме дека на 13 јули во Истанбул се одржаа преговори меѓу претставниците на Русија, Украина, Турција и ОН за житото, кога беше постигнат договор за формирање на координативен центар во Турција и беше договорен нов состанок оваа недела.

Трилатерални разговори

Потоа ќе се одржи трилатерална средба. Сите три земји се гаранти на процесот во Астана за решавање на сирискиот проблем.

Лидерите планираат да разговараат за понатамошни заеднички чекори насочени кон воспоставување траен мир и стабилност во Сирија.