Путин со дипломатски имунитет на ЈАР на самитот на БРИКС

442

Јужноафриканската Република денеска им додели дипломатски имунитет на учесниците на претстојниот самит на БРИКС на крајот на август, за кој во март лична покана доби шефот на Кремљ, Владимир Путин, пренесоа агенциите. Меѓународниот кривичен суд во Хаг, чија членка е и оваа земја, оваа пролет издаде налог за апсење на Путин, поради наводно нелегално депортирање на деца од Украина. Според МКС, Јужноафриканската Република е должна да го приведе Путин и да му го предаде на Хаг. Поради ваквата ситуација, официјална Преторија со недели ги одмерува своите дипломатски опции.

Јужноафриканскиот оддел за меѓународни односи и соработка (ДИРКО) денеска објави декларација по тој повод со која се признаваат два состаноци кои ќе бидат опфатени со дипломатски имунитет според Законот за дипломатски имунитети и привилегии. Првиот состанок е Министерскиот состанок на БРИКС што ќе се одржи во Кејптаун на 1 и 2 јуни 2023 година, а вториот е 15-ти Самит на БРИКС што ќе се одржи во Јоханесбург од 22 до 24 август 2023 година.

Имунитетите и привилегиите според Конвенцијата на ОН даваат имунитет од лично апсење или притвор. Сепак, според Римската повелба – на која се заснова работата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг – имунитети не се доделуваат.