ПРОМОВИРАНА КНИГАТА ОД КОЛУМНИСТОТ НА ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: „Така мислев“ – еден поглед на „македонска политичка драма“

222

Неговите текстови секогаш предизвикуваа внимание од вечеровата читателска публика, изнудуваа различни коментари, но тоа не само што не го обесхрабри да продолжи да пишува, напротив, своите ставови продолжи да ги искажува јасно, без цензура и храбро, подготвен да ги апострофира актуелните политички збиднувања во периодот на политички најзначајната и најфреквентната година од поновата историја, без оглед на тоа што најчесто тие се спротивни на политичките ставови од партијата од која доаѓа

“Така мислев“ е новата книга на Петар Богојески, во која се собрани сите колумни кои авторот ги објавуваше во дневниот весник ВЕЧЕР и на веб-страницата vecer.press, во периодот од април 2018 до октомври 2019 година.

Неговите текстови секогаш предизвикуваа внимание од вечеровата читателска публика, изнудуваа различни коментари, но тоа не само што не го обесхрабри да продолжи да пишува, напротив, своите ставови продолжи да ги искажува јасно, без цензура и храбро, подготвен да ги апострофира актуелните политички збиднувања во периодот на политички најзначајната и најфреквентната година од поновата историја, без оглед на тоа што најчесто тие се спротивни на политичките ставови од партијата од која доаѓа.

И она што е најзначајно, тој во своите колумни освен што апострофира и критикува, дава и свој придонес, нуди решенија за расплет на деловите кои на крај може слободно да се наречат „македонска политичка драма“. Секогаш свој и различен, низ неговиот пишан збор се гледа неговиот политички развој кој на крајот резултира со конкретна акција: граѓанската политичка платформа Македонски концепт.

-Во материјалот кој го републикуваме ќе сретнете анализи по најтешките прашања, отворени на еден храбар начин, во услови на моја полна свест, дека тоа е предвремено направено, со сите ризици по мојата амбиција за политичка кариера. Сепак, вистината ми е помила од кариерата. Убеден во процесите на објективизација на историјата, преку процес на внатрешна, длабока демократизација на македонското општество, изнесов ставови кои во иднина ќе бидат општо прифатени од сите македонски граѓани, пишува авторот во предговорот.

На промоцијата која се одржа неделата, во хотелот „Хилтон“, на маргините на тркалезната маса „Можности за регионална интеграција на Р С Македонија во ЕУ“, зборуваа и двајцата рецензенти, новинарката и публицист Катерина Блажевска и професорот Гордан Калајџиев.

– Во време кога има хроничен дефицит на таква практика, колумните на Богојески се доживуваат како оази на нормалноста кои го конституираат демократскиот простор, наспроти еталоните за широчината и длабочината на демократската пустина. Врв на доблеста е кога авторот на крајот скромно ќе рече „Така мислев“. Во време кога многумина заборавија да мислат, а камоли да кажат нешто, оваа констатација добива многу повеќе од изворното значење, смета рецензентката на Богојески.

Професорот Калајџиев, пак, смета дека Богојески се истакнува со тоа што е различен, со јасна визија за Македонија, со чувство за препознавање на сериозноста на моментот и  прозивање до сите за владеење на правото.

„Интересен е капацитетот на авторот да се апстрахира од партискиот поглед на работите, иако е партиски активист, а за време на самиот референдум извршувал висока партиска функција. Ако се погледнат датумите на објавените анализи и ставови и ако се споредат со настаните кои се случиле подоцна, може да се заклучи една карактеристика на предвремено објавување на вистината“.

Авторот заблагодарувајќи се за досегашната соработка  со редакцијата на весникот ВЕЧЕР, каде што колумните се објавуваа секоја среда, најави натамошна соработка и следно издание, можеби во поинаква форма.