Македонија се обврза да го напушти производството на електрична енергија од јаглен до 2030 година. За да обезбеди енергетска транзиција, нашата земја подготвува инвестициска платформа вредна 3 милијарди евра за затворање на електраните на јаглен и за префрлање на зелени и обновливи извори на енергија.
– Во моментот, Владата работи на изработка на инвестициски план за праведна транзиција за целите на Климатскиот инвестициски фонд, кој опфаќа анализа на повеќе области, вклучувајќи: инвестиции во алтернативни технологии за производство на електрична енергија како замена за јагленот; подобрување на мрежната инфраструктура; предлог-решенија и модели за инвестиции во приватниот сектор во насока на отворање нови работни места, но и подобрување на работењето на приватниот сектор и неговиот придонес во локалните економии; можно преквалификување и обука на работната сила со цел да биде поконкурентна на пазарот на трудот и утврдување некои социјални мерки со цел да им се помогне на ранливите категории – велат од Министерството за економија за весникот ВЕЧЕР.
На климатскиот самит во Дубаи, министерот за економија Крешник Бектеши ги презентираше целите на оваа платформа. Целта е, како што рече, замена на јагленот како енергенс, инсталирање 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година, инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување сигурност во снабдувањето со електрична енергија и праведни преодни мерки за поддршка на заедниците погодени од оваа транзиција.
– Помошта за работниците и за заедниците погодени од замената на јагленот, овозможувајќи им пристап до нови, висококвалитетни зелени работни места и обезбедување локализирани решенија, е еден од нашите главни приоритети во текот на овој процес – рече Бектеши.
Планот, според платформата, предвидува затворање на двете електрани на јаглен во Македонија, РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“, и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија. Двете „обновливи“ централи ќе имаат инсталирана моќност од околу 800 мегавати. На тој начин, Македонија за 82 отсто би ги намалила нето-емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Во таа насока се разгледуваат и можни решенија и за вработените во ЕСМ, за што повеќе детали се очекуваат во наредниот период.
– Во моментот се прават анализи и на профилот на вработените, нивните квалификации, образование, кои ќе бидат основа за соодветни решенија. Исто така, во склоп на својата стратегија за декарбонизација што треба да ја изработи во следниот период, ЕСМ ќе опфати повеќе детали околу сопствената структура и начинот на нејзина имплементација – потенцираат од Економија.
Енергетски експерти се сомневаат дека Македонија ќе го запази рокот навреме да премине на обновливи извори на енергија, на сметка на затворањето на двете термоцентрали. Затоа бараат пролонгирање на роковите за целосно откажување од јагленот за термоцентралите.
Сметаат дека учеството на обновливата енергија во 2023 година изнесува 26 отсто од вкупното домашно производство на струја, што, во добар дел, ги намалува амбициозните планови за пребрзо откажување од јагленот, кој сега учествува со околу 40 отсто во задоволувањето на домашното производство на струја. Инаку, сегашните енергетски капацитети во РЕК „Битола“ се со три блока по 230 мегавати, а во Кичево со 120 мегавати, а, пак, ТЕЦ „Неготино“ (мазут) со 220 мегавати.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржува македонската Влада во развојот на платформата и ќе ја предводи координацијата со меѓународните партнери.
– Платформата претставува пресвртница за земјата која е историски зависна од јаглен и ја истакнува нејзината амбиција да го трансформира својот енергетски сектор и економија во нискојаглеродна, со пониски трошоци и обезбедување сигурност во снабдувањето со електрична енергија – нагласија од ЕБОР и најавија дека ќе се мобилизираат околу 3 милијарди евра за да се помогне целиот процес на праведна енергетска транзиција.
Се очекува тој да се имплементира до крајот на оваа декада.
Платформата ќе се заснова на успешна соработка со Климатскиот инвестициски фонд, кој се очекува да обезбеди до 85 милиони американски долари грантови и концесиски финансии за регионите погодени од јаглен, што е предмет на одобрување од Комитетот на Фондот врз основа на подготвениот инвестициски план за забрзана транзиција на јаглен, кој Македонија треба да го достави до февруари 2024 година.
(С.Бл.)